Достапни линкови

Нелегален влез на стотици мигранти во Македонија


Македонската полиција во соработка со армијата на Македонија се обидувале да ја вратат групата мигранти која влегла во атарот на село Моин

МВР информира дека 600 - 700 мигранти нелегално влегле на македонска територија од Грција кај гевгелиското село Моин и оти полицијата, во соработка со АРМ, работи на нивно враќање во Грција.

Новинската агенција Ројтерс претходно објави дека околу две илјади мигранти, кои со денови се заглавени во Идомени, денеска влегоа на македонска територија.

Фоторепортерот на агенцијата Стојан Ненов сведочи дека по неколкучасовно пешачење, мигрантите ја заобиколиле жичаната ограда и влегле на македонска територија западно од Гевгелија.

МВР информира дека полициските и армиските сили преземаат засилени мерки за безбедност, особено на местата каде што се забележани поголеми групи мигранти кои нелегално ја преминуваат границата.

Според податоци на властите, на територија на Грција веќе има 44.532 бегалци. Поголем дел од нив, 23.042, се во северна Грција.

На островите се регистрирани 9.264 бегалци. На пунктот Идомени има 12.000. Крај Кукуш 3.540, во Поликастро 3.370 и во Диавата има 2.003 бегалци и мигранти.

XS
SM
MD
LG