Достапни линкови

Груевски решава до неодамна нерешливи проблеми


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски шета по градови и по села и им ги решава проблемите на граѓаните. Им наредува на министри, градоначалници и други функционери и покрај тоа што нема никаква државна функција.

Професионалните војници кои имаат над 35, односно 38 години, ќе бидат вработени, пожарникарите ќе добијат подобар статус, по градовите кои ги посетил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, деновиве експресно се поправаат работите на коишто се пожалите жителите на средбите. Секојдневно во дел медиумите сè почесто се среќаваат текстови со наслов „се решаваат проблемите на граѓаните“ и најчесто, како што пишува, тоа следува по посетите на Груевски.

Во Македонија одамна нема дистинкција за тоа што значи партија, што значи држава, што е државен функционер, што е партиски функционер и од таму се појавуваат овие аномалии во нашиот политички систем.

На професионалните војници кои со години бараа вработување, а пред некој месец штрајкуваа и со глад пред Собранието, проблемот им се решава сега што кај дел аналитичари отвора сомнеж дека е поврзано со изборите, засега договорени за петти јуни.

„Сега како се ближат изборите, сè повеќе и повеќе ќе бидеме сведоци на задоволување на апетитите на различни категории граѓани во општеството и тоа воопшто нема да биде чудно со оглед на тоа дека така функционираше оваа влада и во минатото мислам дека ќе продолжи со истиот принцип и систем на работа и во наредниот период“, вели политикологот Митко Гаџовски.

Аналитичарот Исмет Рамадани, пак, смета дека е добро што се решаваат проблемите кои со години ги имаат граѓаните.

„Меѓутоа, самиот момент кога се решава проблемот, односно пред изборната кампања, тогаш веќе стои таа квалификација дека ова е всушност предизборна кампања и се прави обид да се добие глас повеќе“, вели Рамадани.

Груевски, пак, во однос на пожарникарите нагласи и дека проблемот му бил истакнат за време на теренската посета во Охрид во ноември минатата година, кога, како што наведе, вработен во територијалната противпожарна единица ја истакнал потребата од законско допрецизирање и регулирање на статусот на пожарникарите. Во ноември, тој беше премиер, а законот стапува во сила овој месец кога Груевски нема државна функција.

„Во Македонија одамна нема дистинкција за тоа што значи партија, што значи држава, што е државен функционер, што е партиски функционер и од таму се појавуваат овие аномалии во нашиот политички систем и се доведуваме во ситуација лидери на политички партии да промовираат владини мерки што апсолутно не е дозволиво во држава во која би требало да владеат демократски принципи“, вели Гаџовски.

Токму одвојувањето на партијата од државата е нешто што постојано го споменуваат странските политичари, а заменикот помошник државен секретар на САД, при неодамнешната посета, нагласи и дека тоа е една од работите која одблиску ќе ја следат во пресрет на изборите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG