Достапни линкови

Чамец со мигранти се преврте во Егејското Mоре


Чамец со непознат број имигранти денеска се преврте во Егејското Море, во близина на островот Кос. Петмина од мигрантите успеале да допливаат до брегот на островот. Според нив, во чамецот имало уште осум Пакистанци. Во моментов во тек е операција за пронаоѓање на преживеани, во која учествуваат брод и хеликоптер на грчката крајбрежна стража и брод на европската агенција за управување со надворешните граници Фронтекс. Временските услови се многу лоши и во областа дува силен ветар.

Во меѓувреме, бројот на мигранти и бегалци, кои се сместени во Пиреја, достигна околу четири илјади. Според податоци на крајбрежната стража, во реонот на пристаништето се сместиле 3.680 мигранти. Во пристаништето претпладнево пристигна уште еден ферибот со 601 мигранти од егејските острови Лезбос и Хиос. Подоцна се очекуваат уште два брода од источниот дел на Егејското Море, со сè уште непознат број бегалци.

Грчките власти се обидуваат да ги убедат мигрантите кои пристигнуваат да бидат пренесени во прифатните центри. Бегалците сè уште одбиваат да го сторат тоа, затоа што се загрижени дека властите ќе им ги земат документите и нема да можат да си заминат.

Според последните податоци, бројот на заглавени мигранти и бегалци на грчките острови Лезбос, Хиос и Самос, достигна над 9 илјади луѓе.

XS
SM
MD
LG