Достапни линкови

Иванов - Нема помош за безбедносниот аспект на мигрантската криза


Во однос на безбедносниот аспект на мигрантската криза, Република Македонија досега има добиено нула евра, наведува во пишана изјава Ивица Боцевски, посебен советник на претседателот на Република Македонија за надворешна политика, по реакциите за интервјуто на претседателот Иванов за германскиот дневен весник „Билд“.

„Доколку некој тврди дека Република Македонија добила едно евро, еден цент за бегалската криза, јас го повикувам да излезе јавно, и да каже кога, каде и за кои намени биле префрлени средства од Европската комисија до буџетот на Република Македонија“, вели Боцевски.

Сите трошоци за безбедноста, се вели во изјавата Боцевски, паѓаат само и исклучиво на македонските институции, на македонската војска, на македонската полиција, македонското разузнавање, македонските здравствени власти, општините на југот, на северот, по текот на рутата и македонските јавни претпријатија.

„Македонија сама си ги сноси овие трошоци, од кои само 25 милиони евра отидоа за безбедносните органи. Така што, не држат тезите дека Македонија добила средства, не држат тезите дека Македонија доцнела со проценката. Ништо досега Република Македонија нема добиено“, изјави Боцевски.

Во делот на бегалската криза, додава, за разлика од некои земји на коишто им се ветуваат силни милијарди, за разлика од Грција на којашто и се ветени 700 милиони евра, Република Македонија нема добиено ниту еден единствен денар.

Европската комисија досега дала помош за Македонија за изградба на капацитетите на државата на многу полиња, вклучувајќи подигнување на капацитетот на релевантните министерства и граничната служба за управување со границата, за прашања од областа на азилот и мигрантите, се вели во изјавата на портпаролката на ЕК Маја Коцијанчич.

XS
SM
MD
LG