Достапни линкови

Берлин ги отфрла обвинувањата на Иванов, тој останува на ставовите


Министерството за внатрешни работи на Германија ги отфрла обвинувањата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов дека немало желба за размена на податоци за осомничени џихадисти. Од германската влада се потенцира дека Македонија добива помош за бегалците, јавува Дојче веле на македонски јазик. Според Дојче веле, портпаролот на германското МВР ги отфрли обвинувањата на Иванов дека Македонија сакала размена на податоци со Германија за осомничени џихадисти, но, како што вели „никој не ги сакаше нашите податоци“.

Во интервју за весникот „Билд“, Иванов жестоко ја критикува Германија и вели: „Тие ни рекоа: не можеме да соработуваме со вас, вие сте трета земја, не смееме да разменуваме податоци.“

Според портпаролот на Министерството за внатрешни работи во Берлин, кој е цитиран од светските агенции, ваквите обвинувања на Иванов се несфатливи, со оглед на тоа што Македонија разменува податоци преку европските полициски власти (Европол).

Претседателот Иванов, пак, цврсто останува на своите ставови изнесени во интервјуто за „Билд“, дека Македонија беше одбиена да добие пристап до дата базите на ЕУ, до дата базите на Шенген и ЕУРОДАК, под образложение дека е трета држава и има правни бирократски пречки и ограничувања.

Берлин исто така тврди дека дава пари за мигрантите, но Иванов и тоа го негира.

XS
SM
MD
LG