Достапни линкови

Одбележани 73 години од холокаустот македонските Евреи


Еврејската заедница во Македонија одбележува 73 години од депортацијата на 7.148 македонски Евреи во нацистичкиот логор Треблинка. Цвеќе пред споменикот на македонските Евреи во Тутунскиот комбинат денеска положија делегации од Собранието, Владата, министерот за одбрана Зоран Јолевски, дипломатскиот кор, политички партии и граѓани.

Ноќта меѓу 10-ти и 11 март 1943 година, полицијата на тогашната фашистичка влада на Бугарија, во соработка со германскиот окупатор, уапсила 7.148 македонски Евреи или 98 проценти од вкупната еврејска популација во Македонија. Најмногу биле од Скопје, Битола и од Штип и по неколку семејства од други градови. Биле доведени во Монполот во Скопје (денеска Тутунски комбинат), каде што им биле конфискувани пари и накит. По неколку дена поминати во привремениот логор биле натискани во сточни вагони и во екстремно тешки услови транспортирани во логорот на смртта и веднаш егзекутирани.

Сите 7.148 убиени македонски Евреи биле евидентирани. Околу два процента Евреи од земјава ја избегнале депортацијата зашто биле во НОБ или успеале да се скријат. Еврејската заедница е обновена во 1944 година. Со формирањето на државата Израел во 1948-ма, многумина од преживеаните македонски Евреи се преселиле во светата земја.

XS
SM
MD
LG