Достапни линкови

Катастрофа или најдобро образование досега


Илустрација

Илустрација

Пратениците од СДСМ обвинија дека власта го урнисала образованието во изминатите 10 години. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели дека има огромни инвестиции во образованието со кои постојано се подобрува состојбата.

На расправата во Собранието по Информацијата за општите состојби во образованието и ефектите од екстерното тестирање, поднесена од група опозициски пратеници, власта и опозицијата повторно ги засилија препукувањата, каде со жесток тон обвинуваа кој што направил во образованиот систем.

Никакво подобрување, напротив влошување има и тврдиме дека концептот со екстерното ги влоши состојбите во образованието. Засегнатите страни, професорите и учениците, тоа го потврдуваат и затоа нашиот предлог е укинување.

Пратениците од СДСМ укажаа дека власта не преземала ништо да го коригира концептот на екстерното и дополнија дека таа не го подобрила образованието, туку напротив проблеми има и во поголемиот дел од училиштата, каде нема струја и вода, а исто така проблеми има и во студентските домови, бидејќи само 10 проценти од нив се реконструирани во изминатите девет години. Тие укажаа и на иселувањето на младите луѓе и оти со отворањето нови универзитети, без вклученост на стручната јавност, се намалува квалитетот на образовниот процес.

„Никакво подобрување, напротив влошување има и тврдиме дека концептот со екстерното ги влоши состојбите во образованието. Засегнатите страни, професорите и учениците, тоа го потврдуваат и затоа нашиот предлог е укинување. И да има концепт за проверка на знаењата, тој треба да биде осмислен. Овој повеќе личи на притисок врз база на кој може да им се прави на професорите и учениците“, вели Горан Сугаревски од СДСМ.

Според, пратениците од власта, владата во континуитет вложува во образованието преку инвестиции во инфраструктурата, односно градење и реконструирање на училишта, спортски сали и спортски домови.

Ане Лешкоска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека и тие се свесни дека има недостатоци во екстерното тестирање, но дека се работи тие да се надминат и повтори дека овој модел обезбедува поголема објективност во учењето, оценувањето и во начинот на којшто се верификуваат знаењата на учениците.

„Не треба да има укинување на екстерното. Вие велите нема подобрување, јас сметам дека има. Престанаа притисоците кои ги трпеа професорите, а и овој концепт допрва ќе ги даде своите позитивни резултати“, рече таа.

Лидија Димова од СДСМ со анализа дека има контрадикторности меѓу владините податоци за вложувања во образованието и бројките на Државниот завод за ревизија. Таа исто така укажа и на податоците во СБ дека Македонија најмногу вложува во образованието, но успешноста на нејзините ученици е најниска во регионот, што, според неа, зборува дека образовните реформи се движат во погрешна насока, а младите си заминуваат од земјата.

„Во периодот 2012 -2014 изградени се три нови средни училишта, а пак со грантови и заеми, внимавајте не од буџет, се реконструирале 13 и само шест нови сали се направени“, рече таа.

Камо вие и со грантови да градевте, реплицираа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Независната пратеничка Солза Грчева ја критикуваше владата дека кога зборува за реформите во образованието, тоа го прави во името на нивната партија без да го спомне министерот за образование кој е од редовите на ДУИ. Таа ги праша пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, зошто го премолчуваат преименувањето на две училишта во Чаир.

По жестока собраниска дебата за екстерното тестирање, во свој стил коментираше и белгискиот експерт Питер Ванхауте, кој напиша „Ајде да воведеме екстерно тестирање за Владата“.

Екстерното оценување минатата година беше едно од најкритикуваните проекти. Покрај трите марша, бојкотот, кампот и сите активности што ги спровeдуваат средношколците и наставниците, надлежните не се премислија да ги прифатат нивните аргументи за апсурдноста на екстерното оценување и оти учениците не може да се оценат со тест од 30 прашања. Министерството за образование најави нов концепт и јавна дебата, но не ја оствари поради политичката ситуација во земјата.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG