Достапни линкови

ЖЕНАТА БОРЕЦ во фокусот на четвртото издание на „Прво па женско“


Со програма конципирана како портрет на женското лице во годината на протести, како одек на автентичната женска битка со пендреците, штитовите, барикадите, солзавците и со водените топови, во деновите од претстојниот викенд, од 11 до 13 март, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се одржи четвртото издание на иницијативата за реобмислување на значењето на Меѓународниот ден на жената 8 Март - „Прво па женско“, што и овој пат како организаторки го потпишуваат девојките од Тииит!Инк.

Без многу двојба, симбол на македонската пролет од минатата 2015 година е жената. Жената борец. Онаа која стамено се исправи пред барикадите, пред пендреците, пред штитовите. Хероината којашто им пркосеше на чизмите со метални ѓонови, на солзавците, на водените топови. Жената која наместо омраза даруваше љубов и силно ја довикуваше слободата. Потребата да биде своја, гласна, моќна. Да биде жена.

Имајќи ги предвид случувањата во 2015 година и граѓанските заложби и протести, едноставно беше сосема природно да направиме еден осврт на женската страна на граѓанскиот отпор и тоа е всушност подтемата на годинешното издание на иницијативата.

И, токму на жената борец, на онаа која бестрашно и неуморно ги освои улиците, на хероината што крикна против неправдата, насилството и криминалот и е посветено претстојното четврто издание на иницијативата за реобмислување на значењето на Меѓународниот ден на жената 8 Март - „Прво па женско“. Случувањето, од 11 до 13 март, по традиција ќе го окупира Младинскиот културен центар и ќе донесе ангажирана програма исполнета со дискусии, презентации, изложби, филмски проекции, перформанси, театарски претстави, диџеј сетови на учесници од земјава и од странство.

„Имајќи ги предвид случувањата во 2015 година и граѓанските заложби и протести, едноставно беше сосема природно да направиме еден осврт на женската страна на граѓанскиот отпор и тоа е всушност подтемата на годинешното издание на иницијативата. Овој пат „Прво па женско“ ја слави жената борец, жената која му вели „не“ на судството, „не“ на криминалот, „не“ на неправдата и „не“ на загрозувањето на слободите. Жените бескомпромисно ги освоија улиците. Уште малку ќе ја освојат и слободата. Слободна Македонија, колку тоа женски звучи!“, вели Кристина Леловац од Тииит!Инк.

Програмата ќе започне во петок, во 18 часот, во киното „Фросина“ со проекцијата на „Сè за тебе“ на Италијанката Алина Мараци, за да потем се обистини и официјалното отворање на четвртиот „Прво па женско“. За овој чин е планирана изложбата на протестни фотографии за чиј концепт се погрижија Луми Бекири и Леловац.

Еден мал пресек на неверојатните фотографии што ги направија неколку македонски фоторепортери и професионални фотографи, збогатени со записите на аматерските камери на мобилните телефони на луѓето кои што учествуваа во протестите а кои „најпластично го портретираат токму женскиот лик на овој граѓански отпор“.

„Интересно за изложбата е тоа што ќе има и аудио поддршка. Тоа е некаков избор на говори на жени во текот на протестите што ќе ги следат фотографиите, а битен момент во оваа приказна е што ги поттикнуваме оние што ќе дојдат да ја видат изложбата или воопшто што ќе дојдат да учествуваат во било кој дел од програмата на фестивалот „Прво па женско“ да донесат своја фотографија од своето учество на протестите и да ја закачат на пултовите што ќе бидат поставени во холот, така што оваа постановка во некоја смисла ќе биде и интерактивна се со цел да се одржи тој граѓански дух“, појаснува таа.

Истата вечер, наново во „Фросина“, ќе има гала вечер на раскажување женски приказни (учествуваат неколку бестрашни и истакнати жени од нашето секојдневие на тема „Прв пат кога...“) за чиј концепт се погрижија Ана Василева и Румена Бужаровска, за да настаните кулминираат со диџеј сетот насловен „Свежо машко месо“ во кој музика ќе вртат Лепи Џони, На Мехо Малиот, Кунг Фулиш и Црно семе.

Наредниот ден, точно напладне, ја нуди презентацијата на феминистичките интернет портали VOXFEMINAE, MUFF и LIBELA од Хрватска, на независната емисија „Фемкање“ од соседна Србија, фестивалот „Фемарт“ од Косово и ALL TOGETHER DISTRO од Македонија. Од 15 часот е планирано да биде анти-предавањето „Женско писмо (не)постои“ со Елизабета Бакоска (четврто по ред од Школата за феминизам), а потем и дискусијата на тема „Кој се плаши од родот on line?“ каде учесници се Јована Ананиевска од ХЕРА, Билјана Гинова од ЛГБТИ Центар, Наташа Бошкова – Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните групи“, а модератор е Ана Поп Стефанија.

Во 18:30 часот на програмата е проекцијата на кратки филмови од автор(к)и од Хрватска, па уште една изложба „Ете ни жени“, во случајов на уметницата Адела Јушиќ од Босна и Херцеговина, за да во продолжение публиката го проследи и перформансот „Девојката со сонце над главата“ (сторија за женската сексуалност, солидарноста, лицемерието, мајчинството...) од кореографката и режисерка Агнес Нокшиќи и актерката Донике Ахмети.

Конечно заокружувањето на долгиот програмски ден ќе треба да се обистини со уште една филмска проекција и најважно голем женски (главно хаус) жур со диџеј Алинка од Чикаго, САД, и нејзината поддршка Илина Ангел и Ивана Драгшиќ? Хада Блам од Македонија.

Воведот, пак, во третиот ден на „Прво па женско 2016“ ќе биде со базарот, всушност со слободниот простор за презентација и промоција на ракотворби направени од и за поинаквите жени и мажи. Истовремено ќе се случуваат презентациите на ЕДНА МОЖЕ и ОБЕДИНЕТИ ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ, еден час подоцна ќе започне дискусијата на ХЕРА Млади - „Знаеш ли да препознаеш љубов? А вистинска љубов?“ чиј модератор е Маја Балшиќеска, во 16 часот презентации е најавено да имаат Платформата за родова еднаквост, девојките од ЛД „Солидарност“ за да во продолжение биде и дискусијата за жените во бегалската криза на Тииит!Инк. каде модератор е Јана Старделова, а учесници Уранија Пировска од Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Мерсиха Смаиловиќ од Легис и Ленче Здравкин.

Кругот ќе биде затворен со презентацијата на активностите во рамки на работилницата за деца „Шепот на ѕидовите“, концерт на младата кант-авторка Ана Ќурчин од соседна Србија и со изведбата на театарската претстава „Будење на пролетта“ на битолскиот Интимен театар.

„Јас многу се радувам што „Будење на пролетта“ ќе биде прикажана на четвртото издание на „Прво па женско“, затоа што овој фестивал дава платформа за покажување на уметнички дела создавани од жени автори и генерира една женска енергија, ја стимулира таа енергија, и алудира дека жената уметник има многу силен глас во општеството во кое што денес живееме. Жената уметник не е само уметник туку борец за своите права, за социјални промени, за општествени промени, така што ова случување е силно социјално ангажирано и женскиот глас го прави дотолку посилен“, ќе рече режисерката Софија Ристевска.

Инаку, во рамките на трите фестивалски дена е најавено дека ќе тече и паралелната програма каде е планирано одржување на стрип работилница со Хелена Јанетиќ од Хрватска, работилница наменета за деца на возраст од 8 до 12 години, хуманитарна акција за собирање на помош за жените бегалки, а ќе функционира и мобилната клиника на ХЕРА за женско здравје на паркингот на МКЦ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG