Достапни линкови

Во изминативе два дена во Македонија не влегол ниту еден мигрант од Грција. Во прифатниот камп Винојуг во Гевгелија е празно, по одлуката на Словенија да пропушта само мигранти што имаат виза за ЕУ, што се рефлектираше и на другите земји од балканската рута.

Празно е на граничниот премин кај Гевгелија, откако Македонија втор ден не пропушта бегалци и мигранти како последица на одлуката на Словенија и самитот на Европската унија и Турција. На јужната граница, во околината на Котата 59, на дождливото време распоредени се само безбедносните сили, а во кампот Винојуг, освен полицијата, присутни се волонтерите од хуманитарните организации и едно семејство бегалци кое го пропуштило последниот воз за Табановце и сè уште не се знае дали ќе го продолжи патот кон Западна Европа или ќе биде вратено назад во Турција.

„Веќе неколку дена по ред кампот е празен и се очекуваат бегалци само во случај доколку се пропуштат. Црвениот крст на Македонија во соработка со УНХЦР, доколку настане ситуација да се пропуштаат бегалците низ македонската граница, се спремни да укажат каква било помош, независно дали е хуманитарна или медицинска“, вели Александар Јонузоски од Црвениот крст на Македонија.

Хана Харбахбе од УНХЦР вели дека ситуацијата во транзитниот центар Винојуг е моментално мирна. Во однос на тоа што може да се очекува по затворањето на границите, таа вели дека за тоа прашање е одговорна државата.

Веќе неколку дена по ред кампот е празен и се очекуваат бегалци само во случај доколку се пропуштат.

„Управувањето со границите е одговорност исклучиво на државата и ние како УНХЦР апелираме да бидат запазени сите стандарди и меѓународни механизми за заштита на човековите права“, вели Харбахбе.

Во меѓувреме во кампот во Идомени во Грција и натаму се заглавени над 13 илјади мигранти кои со денови живеат во шатори во тешки услови и за кои сè уште не се знае дали ќе бидат пропуштени да ја поминат границата, дали ќе бидат распоредени во кампови во Грција или, пак, ќе бидат вратени назад во Турција.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG