Достапни линкови

Повторно протест пред МВР за крстот


Стотина луѓе и денеска се собраа на краток протест пред Министерството за внатрешни работи, предводени од претставници на општина Бутел. Тие бараат од министерот Оливер Спасовски да постави обезбедување на локацијата на која треба да се изгради 55-метарскиот крст, донација од Светски македонски конгрес.

Градоначалникот на Бутел Петре Латиновски, кој беше на чело на протестот, откако им посака среќен 8-ми март на жените вработени во министерството, си замина и не одговараше на новинарски прашања.

Претседателот на општинскиот совет Боби Бојчевски изјави дека не знае дали е точно тврдењето на министерот за правда Аднан Јашари дека има разговор меѓу политичките партии и Светскиот македонски конгрес во врска со поставувањето на крстот во општината.

Тој не одговори ни на прашањето зошто наместо да се протестира пред МВР, не се обидат да разговараат со своите коалициони партнери од ДУИ кои протестираа против поставувањето на крстот.

„За тие информации треба да се обратите до градоначалникот, јас сум претседател на Совет, ние сме отворени за разговор и со министерот и со кого треба. Ние го молиме министерот да постави обезбедување на локацијата, ако не е способен за тоа да го стори нека си поднесе оставка“, рече тој.

Бојчевски додава дека и натаму останува планот на општината да го исполни барањето на СМК за изградба на 55-метарскиот крст и додаде дека ќе ги преземат сите мерки кои ќе ги побара донаторот.

Ова е еден од ретките протести на кои им беше дозволено на демонстраните да протестираат пред главната порта на Министерството за внатрешни работи.

XS
SM
MD
LG