Достапни линкови

logo-print

Замрзнати преговорите за медиумите


Повеќе од еден месец работните групи не разговарале за медиумите. А без расчистени состојби во медиумската сфера нема фер услови за избори.

Со недели веќе нема никаква меѓупартиска средба за прашањата поврзани со медиумите, брифираат извори вклучени во разговорите на работната група. Последните средби беа всушност пред 24 јануари, дента кога се договори одложувањето на изборите за петти јуни, а претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски излезе со став дека добил ветувања дека немало да се бара нов закон за медиуми.

Без медиумите, партиите нема да имаат исти услови за да ги покажат своите политички програми, пораки итн во предизборието кое не очекува.

Според Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии ваквата состојба покажувала дека во комуникациите меѓу партиите медиумите веројатно биле една од точките за кои што им било попуштено на владејачките партии.

„Сега во овој момент на пасивизација или замрзнување на какви било преговори се чини дека медиумите паднаа во втор план, а излезе во прв план избирачкиот список и Државната изборна комисија. Не дека тие се помалку важни од медиумите, но зборуваме за фер услови и за исти услови за партиите пред избори. Без медиумите, партиите нема да имаат исти услови за да ги покажат своите политички програми, пораки итн во предизборието кое не очекува“, вели Трајкоска и додава дека за структурни и темелни промени во медиумите немало време што покажувало дека изборите ќе поминат со непроменети состојби, а медиумската заедница ќе морала да си ја врати улогата во евентуалните понатамошни преговори.

Претседателот на комисијата за жалби во Советот за етика Мирче Адамчевски сепак очекува дека во меѓувреме до изборите ќе продолжат разговорите, оти, како што вели, опозицијата нема да се откажела од тоа прашање. Но стравува од исходот односно да не се прекрешело сè врз грбот на новинарите и медиумите.

„Во основа на се лежи клиентелизмот, односно спрегата меѓу газдите на медиумите и власта и сега врз основа на тоа тие добиваат пари реклами итн. Е сега ако се успее да се прекине таа спрега мислам дека ќе се направи многу и секако ако се направат одредени промени во Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги“, вели Адамчевски.

Според него клучно во следниов краток период кој останува покрај промените во Агенцијата е да се договорат и промени во составот на советот на МРТВ и да се реши прашањето за државната агенција МИА, оти како што вели за другите промени немало време.

Инаку последните средби со посредникот Питер Ванхауте со работната група, пред ВМРО-ДПМНЕ да соопшти дека нема повеќе да соработува со европскиот претставник завршија со крајно спротивставени ставени и без никаков резултат. СДСМ преку пратеничката група предлага законски измени со кои радиодифузната такса ќе се укине, а Јавниот сервис би се финансирал со 0,5 отсто од државниот буџет.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG