Достапни линкови

Ердоган - Давутоглу од Брисел да се врати со три милијарди евра


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се надева дека премиерот Ахмет Давутоглу од денешниот самит ЕУ-Турција во Брисел ќе се врати со три милијарди евра како помош за смирување на бегалската криза, пренесуваат британските медиуми.

„Ние веќе потрошивме десет милијарди долари на три милиони луѓе. Тие ветија дека ќе ни дадат три милијарди евра, а од тогаш минаа четири месеци. Премиерот е сега во Брисел. Се надевам дека тој ќе се врати со тие пари, со трите милијарди евра“, наведе Ердоган во директното обраќање на телевизија.

Британските медиуми пишуваат и дека неименувани ЕУ претставници изјавиле дека Турција „нуди повеќе и бара повеќе“ во однос на оригиналниот акциски план за мигрантите. Според овој извор, Давутоглу новите предлози ќе ги претстави на работниот ручек со лидерите од 28-те земји од ЕУ, а средбата на врвот ќе продолжи до вечерта, со цел да се постигне согласност по тие прашања.

Американскиот сајт „Политико“ во европското издание тврди дека Давутоглу има намера на денешниот самит ЕУ-Турција да побара повеќе пари за помош за улогата на Анкара да се избори со приливот на бегалци и гаранциите дека ќе продолжат преговорите за членство на Турција во ЕУ.

XS
SM
MD
LG