Достапни линкови

logo-print

Фантомски гласачи, неажурни институции или нешто друго? Избирачкиот список на површина извади многу нелогичности. Пред ДИК претстои уште многу работа.

Иста улица заведена во избирачкиот список неколкупати само со мали измени во редоследот на името, ист број на зграда еднаш со нула пред бројката еднаш без, нелогичен голем број избирачи регистрирани на иста адреса, се дел од проблемите кои за неколку дена ги детектираа граѓаните и медиумите во објавениот избирачки список.

Објавувањето на списокот јавно предизвика голем интерес, па се пишува за цели села на иста адреса, регистрирани гласачи на адресите на две амбасади, на разурнати куќи, државни институции, па и на имиња на функционери од владејачката партија, што делумно беше негирано.

Дел од ваквите забелешки, според упатените, се можеби изборни манипулации односно т.н фантомски гласачи, но дел се поради неажурност на институциите.

Професорот Осман Кадриу стравува дека Државната изборна комисија ќе има доволно време да го среди избирачкиот список до евентуалните избори на петти јуни.

„Бројни се овие нерегуларности во избирачкиот список, јас сум песимист дека Државната изборна комисија ќе може до конкретниот датум да има пред себе и пред граѓаните пречистен, ажуриран избирачки список. Се плашам со овие методи особено со вкрстувањето на податоците да не дојдеме до една ситуација позната во статистиката да имаме точен збир, а неточни податоци. Тоа ќе биде катастрофа“, вели Кадриу.

Според поранешниот директор на Заводот за статистика Дончо Герасимовски има околу петнаесетина точки што ДИК треба да ги провери меѓу кои ги споменува иселениците, добивањето лични документи без адреси, примери, што вели ги имало во списокот, но како најсериозна ја споменува теренската проверка.

„Оваа апликација што е сега е со многу отворени проблеми. Ако по истата ДИК донесе заклучок дека ќе треба по сите овие појави да се оди на терен , бидејќи е тешко да ги избришете, ова е се во ингеренции на Министерството за внатрешни работи, во институциите односно воопшто во системот за да се расчисти тоа но ако вака оди да се расчистува, навистина не знам кога ќе се расчисти“, вели Герасимовски, кој споменува и личен проблем односно на неговиот стан имало како што вели регистрирано четири лица како гласачи кои не живеат на таа адреса повеќе од 20 години, па иако пријавувал во институциите фигурираат и во новиот список. Тој смета дека постојат многу такви случаи кои дополнително ќе бидат проблем во списокот.

Државната изборна комисија се уште е во фаза на вкрстување на податоците добиени од 11 институции. Откако информатичарите предводени од американски експерт ќе го завршат процесот работата ќе се препрати во Министерството за внатрешни работи кое ќе трева за започне управни постапки за бришење на спорните гласачи, а ДИК треба да изврши и теренска проверка на сомнителните места.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG