Достапни линкови

Вести

Времето денеска: повремено врнежливо

Во Македонија ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни кон крајот на денот и во вечерните часови, особено во западните и северните делови. Ќе дува умерен до засилен повремено јужен ветер, кој на места ќе достигнува брзина до 80 км/час. Температурата ќе се движи од осум до 18 степени. Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен повремено јужен ветер. Температурата ќе достигне до 15 степени.

види ги сите денешни вести

Бугарија на границата со Турција заплени хероин вреден над 8 милиони евра

Илустрративна фотографија - границата меѓу Бугарија и Турција.
Илустрративна фотографија - границата меѓу Бугарија и Турција.

Бугарските цариници соопштија дека заплениле 403 килограми хероин пронајдени во камион со турска регистрација на пат од Иран кон Западна Европа.

Хероинот бил скриен во 156 душеци кои биле транспортирани во камионот, а официјално пријавени биле за спиење.

Официјалните лица ја процениле вредноста на количината на дрогата на 8,5 милиони евра.

Тие сметаат дека дрогата потекнувала од Иран и била наменета за земјите на ЕУ, соопштија официјални лица.

Турскиот возач беше приведен и може да се соочи со затворска казна до 20 години, доколку биде осуден за шверц на дрога.

Бугарија, која се наоѓа на рутата на дрога од Блискиот Исток до Западна Европа, во последниве години презеде чекори за спречување на трговијата со дрога.

Поплави во Русија и Казахстан, десетици илјади луѓе ги напуштија своите домови

Поплави во Русија.
Поплави во Русија.

Надојдените реки во пограничниот регион меѓу јужниот дел на Русија и северниот дел на Казахстан дополнително се зголемуваат.

Нивото на водата достигна рекордно ниво, а поплавите предизвикани од ненадејниот пораст на температурите, кои доведоа до големи количини на стопен снег, продолжуваат да прават хаос и да принудуваат илјадници луѓе да бегаат од нивните домови.

Нивото на реката Ишим, недалеку од истоимениот град во руската област Тјумен, порасна за повеќе од два метри во претходните 24 часа, достигнувајќи ниво од 9,11 метри на 20 април, многу над опасната точка на 8,5 метри, велат од градската управа.

Гувернерот на областа Тјумен, Александар Мор, вели дека сегашните поплави се најголеми од 1947 година.

Во регионот беше воведена вонредна состојба на 8 април, а минатата недела властите наредија итна евакуација на жителите од регионите Казан и Ишим, кога Мор објави дека 51 место, вклучувајќи го и градот Ишим, ќе влезат во зоната на поплави.

Тој, исто така, им вети на евакуираните 50.000 рубли (околу 531 долар) по лице за основни потреби, додека во регионот се отворени десетици центри за привремено сместување.

Администрацијата, исто така, нареди евакуација на животните од фармите за да бидат донесни во безбедни зони, кои се наведени на посебна веб-страница.

Во Казахстан нивото на реката Урал се зголеми за 34 сантиметри, достигнувајќи 8,28 метри во административниот регион Западен Казахстан. Нивото од 8,5 метри се смета за критично.

Куќите на брегот на реката Чаган, која е притока на Урал, а кои беа првите поплавени на почетокот на месецот, сега повторно се под влијание на поплави, а куќите во градот Самал се веќе под вода.

Локалната жителка Ала Иванова за казахстанскиот сервис на Радио Слободна Европа изјави дека до утрото на 20 април водата навлегла во куќите во населбата и дека нивото продолжило да расте.

Кон горниот тек на Урал, во регионалната престолнина Орал, заменик-градоначалникот Жандос Дујсенгалиев еден ден претходно објави дека градот нема доволно песок и чакал за зајакнување на речните брегови.

Тој за РСЕ изјави дека властите имаат ограничени можности на располагање и дека на локалното население можат да му обезбедат опрема и празни кеси, но дека ќе мора сами да купат песок, чакал и да ги изградат браните.

Властите во Казахстан велат дека највисокиот водостој во Орал се очекува од 22 до 24 април, а во другите региони на 20 и 21 истиот месец.

Официјални лица рекоа дека повеќе од 100.000 луѓе морале да ги напуштат своите домови низ целата земја поради поплавите.

Состанок на Ердоган со шефот на Хамас во Истанбул

Илустративна фотографија - турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Илустративна фотографија - турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Исмаил Ханије, политичкиот лидер на Хамас – организација која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка, започна разговори со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Истанбул на 20 април.

Разговорите започнаа во услови на високи тензиите на Блискиот исток, објавија турските медиуми.

Ердоган се обиде, но не успеа се да воспостави како посредник во палестинскиот конфликт што го разбранува регионот од 7 октомври.

Турските медиуми објавија дека средбата се одржала во палатата Долмабахче на брегот на Босфорот.

Хамас има канцеларија во Турција од 2011 година, кога Турција помогна да се обезбеди договорот за групата да го ослободи израелскиот војник Гилад Шалит.

Војната избувна по упадот на Хамас и други милитантни групи во јужен Израел на 7 октомври, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, огромно мнозинство цивили, а околу 250 беа киднапирани и однесени во Газа.

Израел тврди дека околу 130 заложници се уште се во Газа, иако повеќе од 30 се потврдени за мртви - убиени на денот на упадот или умреле во заробеништво.

Според последните податоци, вкупниот број на загинати Палестинци во војната меѓу Израел и Хамас се искачи на 34.049, додека 76.901 лице се повредени, според Министерството.

Шест деца и тројца возрасни загинаа во израелски воздушен напад во Рафа

Палестински деца во близина на урната куќа во Рафа, Појасот Газа. 24 март 2024 година.
Палестински деца во близина на урната куќа во Рафа, Појасот Газа. 24 март 2024 година.

Во израелски воздушен напад врз зграда во најјужниот град на Појасот Газа, загинаа најмалку девет лица, вклучително и шест деца, соопштија болничките власти на 20-ти април.

Напдот се случи додека Израел ја продолжува својата речиси седуммесечна офанзива на опколената палестинска територија.

Војната на Израел против милитантната група Хамас - која САД и ЕУ ја карактеризираат како терористичка организација, доведе до драматична ескалација на тензиите на претходно нестабилниот Блиски Исток.

Во нападот, кој се случи доцна во петокот, погоди е станбена зграда во населбата Тел Султан во Рафа, според Цивилната одбрана на Газа. Телата на шест деца, две жени и еден маж се пренесени во болницата Абу Јусеф ал-Наџар во Рафа, покажуваат болничките досиеја.

Во болницата, роднините плачеа и ги гушкаа телата на децата, завиткани во бели покривки, додека другите ги тешеа.

Меѓу убиените се Абдел-Фатах Соби Радван, неговата сопруга Најла Ахмед Аведиа и нивните три деца, изјави зетот на Радван, Ахмед Бархум, кој ја загуби сопругата Раван Радван и нивната петгодишна ќерка Ала.

„Ова е свет без никакви човечки вредности и морал“, изјави Бархум за АП во саботата наутро, додека го држеше телото на Ала во своите раце.

„Бомбардираа куќа полна со раселени луѓе, жени и деца. Немаше н икави маченици, само жени и деца“, рече тој.

Рафа, кој се наоѓа на границата со Египет, моментално е дом на повеќе од половина од вкупното население на Газа од 2,3 милиони жители, од кои огромното мнозинство побегнаа од борбите на северот на територијата.

И покрај повиците за воздржаност од меѓународната заедница, вклучително и најблискиот сојузник на Израел, Соединетите држави, израелските власти со месеци инсистираат на плановите за копнена офанзива во градот, каде што велат дека се наоѓаат многу од преостанатите членови на Хамас.

Иако сè уште нема копнена офанзива, Израел постојано го напаѓа градот и неговата околина од воздух.

Војната избувна по упадот на Хамас и други милитантни групи во јужен Израел на 7 октомври, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, огромно мнозинство цивили, а околу 250 беа киднапирани и однесени во Газа.

Израел тврди дека околу 130 заложници се уште се во Газа, иако повеќе од 30 се потврдени за мртви - убиени на денот на упадот или умреле во заробеништво.

Министерството за здравство на Газа во саботата објави дека телата на 37 лица убиени во израелски напади, како и 68 повредени, биле донесени во болниците на територијата во претходните 24 часа.

Според последните податоци, вкупниот број на загинати Палестинци во војната меѓу Израел и Хамас се искачи на 34.049, додека 76.901 лице се повредени, според Министерството.

Иако здравствените власти - управувани од Хамас - не прават разлика меѓу цивилите и борците според нивните бројки, тие велат дека најмалку две третини се жени и деца.

ЕУ го осуди негирањето на геноцидот во Сребреница на митингот во Бања Лука

Митинг во Бања Лука против нацрт-резолуцијата на ОН за Сребреница.
Митинг во Бања Лука против нацрт-резолуцијата на ОН за Сребреница.

Европската унија го осуди „повтореното негирање на фактите за геноцидот во Сребреница“ за време на седницата на Народното собрание на Република Српска и на митингот „Србија ве повикува“ одржан на 18 април, соопшти Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина.

Делегацијата на ЕУ објави соопштение два дена откако ентитетскиот парламент го усвои извештајот во кој се негира геноцидот, што беше повторено на собирот одржан во Бања Лука на поддржувачите на Сојузот на независни социјалдемократи - партијата на Милорад Додик и нејзините коалициски партнери.

Властите во РС реагираа откако беше објавено дека на почетокот на мај во Генералното собрание на Обединетите нации треба да се расправа за Резолуцијата за Сребреница, која ја иницираа Германија и Руанда.

Нацртот на овој документ, меѓу другото, повикува на осуда на негирањето на геноцидот и осуда на глорификацијата на одговорните за убиствата на околу 8.000 бошњачки цивили во Сребреница во јули 1995 година.

Делегацијата на ЕУ истакнува дека „геноцидот извршен во областа на Сребреница во јули 1995 година, не е прашање на нечиј личен став“.

„Ова е историски факт, утврден во судските постапки пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во 2004 година и Меѓународниот суд на правдата во 2007 година“, нагласуваат од ЕУ.

Тие велат дека „негирањето на геноцидот, ревизионизмот и глорификацијата на воените злосторници немаат место во Европа“ и дека отфрлаат какво било негирање, релативизирање или погрешно толкување на геноцидот во Сребреница.

Во соопштението се посочува и дека почетната точка за вистинско помирување е „емпатија и ценење на страдањата на сите жртви“ за што секој мора да вложи напори, како и дека е неспорно „страдањето на граѓаните на БиХ од сите националности за време на војната од 1992 година до 1995 година“.

„Сепак, оспорувањето на фактите утврдени во детали за геноцидот во Сребреница е историски неточно, создава дополнителна болка и траума за семејствата на жртвите и ја отежнува клучната задача за изградба на мостови и помирување“, се вели во соопштението.

Тие ги повикаа сите политички лидери да се воздржат од провокативна реторика или потези и да се фокусираат „на напредокот на земјата на нејзиниот европски пат, што е посакуваната цел на огромното мнозинство граѓани на БиХ“.

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, во одговор на истражување на Радио Слободна Европа (РСЕ), претходно рече дека во Европа „нема место за негирање на геноцидот, ревизионизмот и глорификацијата на воените злосторници“.

И американската амбасада во Босна и Херцеговина објави дека негирањето на геноцидот е незаконско, дека е закана за стабилноста на земјата и дека тоа е „навреда за жртвите од сите националности“.

Двајца загинати и опожарен магацин со гориво во украински напади со дронови врз Русија

Украински војник прикачува граната од фрлач на гранати RPG-7 на беспилотно летало во близина на градот Хорливка, среде рускиот напад врз Украина, во Донецк регион, Украина, 17 јануари 2024 година. (Архивска фотографија).
Украински војник прикачува граната од фрлач на гранати RPG-7 на беспилотно летало во близина на градот Хорливка, среде рускиот напад врз Украина, во Донецк регион, Украина, 17 јануари 2024 година. (Архивска фотографија).

Во напади со украински беспилотни летала врз региони во западна Русија загинаа две лица и запалено е складиште за гориво, објавија руските регионални гувернери на 20 април.

Во напад со беспилотно летало во текот на ноќта загинаа две лица во руската погранична област Белгород, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков, велејќи дека станбена зграда и штала во селото Пороз се „целосно изгорени“. Уште една зграда претрпела големи оштетувања.

„Како резултат на пуштање на две експлозивни направи, се запали приватна станбена зграда. Трагично, двајца цивили загинаа – една жена се опоравува од фрактура на бутната коска и еден маж кој се грижел за неа“, напиша Гладков на Телеграм.

Тој додаде дека „синот на починатиот успеал да побегне од запалената зграда во последен момент“.

Претходно, тој спомена уште еден напад со украински беспилотни летала во селото Истобноје, но без жртви.

Во исто време, во регионот Смоленск, со дрон било нападнато складиште за гориво кои подоцна се запалило, изјави гувернерот Василиј Анокин на Телеграм.

Анокин рече дека е опожарен магацин за гориво во регионот Кардим, а пожарникарите се борат со пожарот.

„Како резултат на противвоздушната одбрана, леталата беа соборени. Но, откако паднаа нивните остатоци, резервоарот за гориво се запали“, напиша тој.

Тој додаде дека во првите моменти не било јасно дали имало повредени во нападот.

Гувернерот на регионите Курск, Калуга и Брјанск во западна Русија, исто така наведоа дека имало напади во нивните области.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека пресретнало 50 украински беспилотни летала во текот на ноќта, од кои 26 над регионот Белгород и еден над Москва.

Украина ги засили своите напади врз Русија во последниве недели, кои се насочени главно на енергетски важни локации.

И покрај тоа што официјално не потврдува или негира дека напаѓа енергетски цели во Русија, Украина вели дека тоа се легитимни цели кои и помагаат на руската војска додека ги гаѓаат украинските градови и инфраструктура.

Со оглед на тоа што земјата зависи од западната, главно американска, воена помош за борба против руската офанзива, украинскиот претседател Володимир Зеленски со месеци бара од сојузниците да го забрзаат снабдувањето со оружје за неговите вооружени сили, кои се борат со недостиг на воена опрема.

Во Соединетите држави, пратениците денеска ќе гласаат дали да го отклучат пакетот воена помош од 61 милијарда долари, кој долго време беше одложен поради политичките расправии.

Зеленски гласањето го нарече „одлука од витално значење“.

Едно лице загина по експлозија во база на проиранските сили во Ирак

Поглед на воената база Калсо каде што се случи експлозијата, провинција Бабил, Ирак, 20 април 2024 година.
Поглед на воената база Калсо каде што се случи експлозијата, провинција Бабил, Ирак, 20 април 2024 година.

Загина еден припадник на Народните мобилизирачки сили на Ирак, а осум други се повредени во експлозија во воената база Калсо, 50 километри јужно од Багдад, според военото соопштение во саботата на 20 април.

Армијата исто така потврди дека во моментот на експлозијата немало борбени авиони или беспилотни летала во воздушниот простор во провинцијата Бабил, пренесува Ројтерс.

Претходно, АФП повикувајќи се на неименувани безбедносни извори, пренесе дека неколку лица се повредени во бомбашки напад што се случи во текот на ноќта врз воена база во Ирак, каде што е стационирана проиранската вооружена група позната како „Хашед ал Шаби“.

Во соопштението мобилизирачките сили наведуваат дека „експлозијата“ предизвикала „материјални загуби“ и жртви, но не го прецизираат бројот на повредени.

Групата потврди дека нивната база е погодена и дека истражителите се на лице место.

Како одговор на прашањата на АФП, безбедносните службеници не кажале кој е одговорен и дали станува збор за напад со беспилотно летало.

„Експлозијата погоди опрема, оружје и возила“, изјави извор од безбедносните служби.

Никој не ја презеде одговорноста веднаш по нападот.

Набргу по експлозијата, американската војска соопшти дека тие не стојат зад нападите во Ирак.

„САД не извршија воздушни напади во Ирак денеска“, соопшти американската централна команда (CENTCOM) на мрежата X, додавајќи дека наводите дека тие го извршиле нападот се „неточни“.

Ирачки воен претставник, кој сакаше да остане анонимен поради чувствителноста на прашањето, рече дека експлозијата се случила во „магацини за опрема“.

Тој додаде дека пожарот се уште трае, како и потрагата по повредени.

Израелската армија на прашањата на АФП одговори дека „не ги коментира информациите објавени во странските медиуми“.

„Хашед ал-Шаби“ е сојуз на главно шиитски вооружени групи, основан за да се бори против т.н. Исламска држава и е интегриран во редовните безбедносни сили на Ирак.

Експлозијата во ирачката воена база доаѓа откако регионалните тензии се зголемуваат поради војната меѓу Израел и милитантите на Хамас - група која САД и ЕУ ја означија како терористичка и која е поддржана од Иран.

Во петокот, во нападите за кои е обвинет Израел, беше погодена воена база во Исфахан, во централен Иран.

Висок претставник на американскиот конгрес за АФП изјави дека имало израелски одмазднички напади, но одби да образложи, велејќи дека тие информации се доверливи.

Израелските власти јавно не го коментираа нападот во петокот, а иранските власти го минимизираа неговото значење.

О'Брајан во Белград: Косово да формира Заедница на општини со српско мнозинство

Американскиот државен секретар за европски и евроазиски прашања, Џејмс О'Брајан.
Американскиот државен секретар за европски и евроазиски прашања, Џејмс О'Брајан.

Американскиот државен секретар за европски и евроазиски прашања, Џејмс О'Брајан во Белград порача дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство „е од клучно значење за Србите во Косово да разберат каков ќе им биде нивниот живот“.

О'Брајан ова го изјави по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ на 20 април.

„Доколку постои загриженост дека меѓународната заедница не ја исполнува својата обврска да помогне во тоа, јас се надевам дека ќе направиме се што е во наша моќ да помогнеме и да го исполниме нашето ветување кон себе и кон другите“, рече тој.

Косово и Србија постигнаа договор за Заедницата во 2013 година, а потоа во 2015 година за принципите за нејзино формирање.

Сепак, Уставниот суд на Косово во 2015 година утврди дека договорот не е во целосна согласност со Уставот.

Формирањето на Заедницата треба да обезбеди поголема автономија на Србите во Косово.

На крајот на минатата година меѓународната заедница пред партиите го презентираше нацрт-статутот што би го имала оваа Заедница.

Партиите првично рекоа дека тоа го прифатиле, но дека не презеле чекори за да продолжат понатаму.

Судири меѓу хунтата и бунтовниците на границата на Мјанмар со Тајланд

Тајландски војници и претставници на медиумите се кријат во близина на границата со Мјанмар додека продолжуваат борбите во земјата. Мае Сак, Тајланд, 20 април 2024 година.
Тајландски војници и претставници на медиумите се кријат во близина на границата со Мјанмар додека продолжуваат борбите во земјата. Мае Сак, Тајланд, 20 април 2024 година.

Во тек се судири на источната граница на Мјанмар со Тајланд, наведоа очевидци, медиумите и владата на Тајланд на 20 април.

Поради тоа околу 200 цивили биле принудени да избегаат, додека бунтовниците вршат притисок врз членовите на мјанмарската хунта, кои со денови се заглавени на мостот на границата.

Борците на отпорот и бунтовниците од етничките малцинства на 11 април го зазедоа клучниот трговски град Мијавада на страната на границата на Мјанмар, нанесувајќи ѝ тежок удар на добро опремената армија која се соочува со проблеми со управувањето, а сега и со голем тест за нејзиниот кредибилитет.

Тројца сведоци од двете страни на границата изјавија дека од петокот навечер до саботата наутро слушнале експлозии и рафали од митралез недалеку од важниот стратешки.

Неколку тајландски медиуми објавија дека околу 200 луѓе ја преминале границата и бараат привремено засолниште во земјата.

Тајландскиот медиум NBT во објава на социјалната мрежа X наведе дека силите на отпорот користеле митралези од 40 милиметри и фрлиле 20 бомби од беспилотни летала, насочени кон околу 200 војници на хунтата кои се повлекле по координираните бунтовнички напади врз Мијавада и воените пунктови.

Ројтерс не можеше веднаш да ги потврди извештаите, а портпаролот на хунтата во Мјанмар не бил достапен за коментар.

Премиерот на Тајланд, Срета Тависин рече дека внимателно ги следи немирите и дека неговата земја е подготвена да обезбеди хуманитарна помош доколку е потребно.

„Не сакам да видам такви конфликти да имаат никакво влијание врз територијалниот интегритет на Тајланд, ние сме подготвени да ги заштитиме нашите граници и безбедноста на нашиот народ“, напиша тој на мрежата X, но не ги спомна бегалците.

Војската на Мјанмар се соочува со својот најголем предизвик откако ја презеде власта во поранешната британска колонија во 1962 година. Таа се бори во неколку конфликти со низок интензитет и се обидува да ја стабилизира економијата што пропадна по државниот удар во 2021 година против владата на добитничката на Нобеловата награда за мир, Аунг Сан Су Чи.

Земјата е зафатена од граѓанска војна меѓу државната армија и лабавиот сојуз на армиите на етничките малцинства и движењето на отпорот кој настана по крвавата пресметка на хунтата со демонстрантите кои се спротивставија на воениот удар.

Заземањето на Мијавади и околните воени бази претставува значаен пораз за хунтата, која се соочува со проблеми поради санкциите на Западот. Градот е клучен поради големите даночни приходи и локацијата низ која поминуваат стоки чија размена изнесува повеќе од една милијарда долари годишно.

Весникот „Каосод“ во објава на мрежата Х, прикажа видео од цивили во Мјанмар, од кои многу жени и деца, како тајландски војници ги спроведуваат во земјата.

Тајланд во петокот објави дека бегалците не влегле во земјата и дека разговара со хуманитарните агенции за зголемување на помошта за цивилите на страната на Мјанмар.

Претставничкиот дом на САД ќе гласа за воената помош за Украина

Претставничкиот дом на САД.
Претставничкиот дом на САД.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги засили своите повици за итна воена помош, велејќи дека членките на НАТО мора да одлучат „дали ние навистина сме сојузници“, додека се очекува клучното гласање во Конгресот на САД за новиот пакет помош за Украина конечно да се одржи на 20 април.

„Нашето небо мора повторно да биде безбедно“, рече Зеленски на видео-конференција со министрите за одбрана на НАТО на 19 април.

„Тоа целосно зависи од вашиот избор. Избор дали животот е навистина подеднакво вреден насекаде. Избор дали имате еднаков однос кон сите партнери. Избор дали навистина сме сојузници“, рече тој.

Зеленски рече дека неговата нација која е во војна не може да се одбрани од руската инвазија без дополнителна поддршка од западните сојузници.

„Очигледно е дека сега, додека Русија има воздушна предност и може да се потпре на својот терор со беспилотни летала и ракети, нашите способности на терен, за жал, се ограничени“, додаде тој.

Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, ја повтори поддршката на Алијансата за Киев и ја истакна пред членките потребата од дополнителна помош за Украина со оглед на опасната ситуација на бојното поле.

„Сојузниците мора да копаат длабоко во залихите и да ја забрзаат испораката на ракети, артилерија и муниција“, рече Столтенберг.

„Украина го користи оружјето што го обезбедивме за да ги уништи руските борбени способности. Ова не прави сите побезбедни. Така што поддршката за Украина не е добротворна. Тоа е инвестиција во нашата сопствена безбедност“, додаде тој.

Тој рече дека од членките на НАТО за Украина се достапни повеќе системи за воздушна одбрана.

Очајно потребниот пакет воена помош од 60,84 милијарди долари за Украина до оваа недела беше блокиран во Претставничкиот дом на САД поради противењето на тврдокорните во Републиканската партија кои сакаат да ги поврзат прашањата на внатрешната политика како што е имиграцијата со одлуката за странска помош.

Но, Претставничкиот дом на 19 април притискаше на пакетот помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван, бидејќи двопартиската коалиција на пратеници помогна да се отстрани процедуралната пречка за да се дојде до конечните гласања, кои сега се очекува да започнат на 20 април во 13 часот по локално време.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG