Достапни линкови

Крај на неопределеноста кај младите


Виктор Петковски, Либерална унија на млади на Македонија

Виктор Петковски, Либерална унија на млади на Македонија

Кога една ваква власт ќе го уцени родителот со вработување, што значи егзистенција, тој се губи во време и во простор, пишува Виктор Петковски од подмладокот на Либералната партија во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Многу ми е жал што мораше да помине толку време за конечно голем дел од младата популација да се разбуди и каже стоп на ова лудило. Од друга страна, среќен сум што за периодот во кој не биле активни, сепак акумулирале искуство од целиот хаос во кој се заглавени веќе предолго. Но, која е спрегата, зошто е тоа така и дали може да бараме виновник? Знам кој не е сигурно.

Кога една ваква власт ќе го уцени родителот со вработување, што значи егзистенција, тој се губи во време и во простор.

Кога една ваква власт ќе го уцени родителот со вработување, што значи егзистенција, тој се губи во време и во простор. Да, ќе се вработи, со прифаќање на сите „дополнителни“ услови нели и почнува. Како надомест добива „минимална“, „просечна“, како сакаш кажи ја македонска плата. За таа плата има задача да го уништи својот живот, животот на својот партнер и на своите деца. Затоа што секое такво вработување е договор со ѓаволот. Е сега, на сите ни е ова јасно, но моја мана е тоа, ете, сакам да ги повторам некои работи слободно замерете ми.

Таквите родители изложени на егзистенцијален притисок подолг период, да не речам години и години, сите трауми ги носат дома и ги префрлаат на децата. Децата од друга страна, имајќи ги своите родители како основни животни ментори, учат и снимаат и голем дел од однесувањето што го гледаат дома го превземаат како свое. Магичен круг.

Се поставува прашањето, како да се раскине магичниот круг? Дали можеби со повисока плата? Или да се престане со уценување на луѓето? Сигурно и двете во одредена мера, но уцената, стравот, несигурноста имаат моќ генерациски да нè уништуваат, не парите.

Дали оваа младина е инфицирана? Нема збор, со толкава количина на вбризгани отрови директно во нивните вени чудно би било да не е. Но, она што изненадува е имунолошкиот систем кој не е срушен. Под тоа мислам на секоја пауза од отров, веднаш состојбата им се подобрува. Што не можам да го кажам за постарите генерации, но не знам дали имаме право да им замериме. Со тој обем на знаење кој тогаш им бил достапен, воопшто не е за изненадување што биле и сè уште се високо подложни на манипулации, она што ние не смееме да си го дозволиме, ние кои ги имаме сите карти пред нас.

Накратко околу изборите, тема која сметам дека не смееме да ја игнорираме во ниту еден момент, имајќи предвид дека важиме за земја која нема точно зацртан правец на движење, туку својот правец го менува зависно од исходот на изборите. Ништо не е готово, иако некои се веќе почнати со славење. Спрегата на уцени и закани мислам дека допрва ќе ја доживее својата кулминација. Луѓе повторно ќе патат, луѓе повторно ќе се плашат и повторно ќе нè надвисне тој црн облак од кој врнат само горчливи солзи на исцрпен народ.

Наша должност, сакајќи да го признаеме тоа или не, е да направиме сè што можеме да им помогнеме на сограѓаните кои се во таа позиција. Но за да имаме сограѓани прво треба да научиме да бидеме граѓани, а граѓани ќе станеме кога ќе им помагаме на останатите без да морамеи физички да видиме дека се распаѓаат. Кога нивната болка ќе ја осетиме како своја болка, кога нивниот затвор како свој затвор.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG