Достапни линкови

Меѓусебни обвинувања за партизирање на судството


Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов денеска рече дека уставниот судија Јован Јосифовски треба да поднесе оставка од функцијата, затоа што, како што тврди, има конфликт на интереси и партиска поврзаност со ВМРО-ДПМНЕ. Според Шилегов, „Јосифовски и неговото семејство се партиски поврзани со ВМРО-ДПМНЕ и не може да одлучува објективно и непристрасно“.

„Од 2006-та до 2011 година Јосифовски бил претседател, а и член на Државната изборна комисија предложен од ВМРО-ДПМНЕ. Како член на ДИК, Јосифовски учествувал во избори кои се предмет на кривично-правна истрага за изборни нерегуларности. За уставен судија е предложен од Илија Димовски, односно од ВМРО-ДПМНЕ и во отсуство на пратениците од опозицијата е избран во 2012 година. Дополнително, синот на судијата Јован Јосифовски, Борис, е генерален секретар во Кабинетот на Ѓорге Иванов“, изјави Шилегов.

Според него, Јосифовски требало сам да поднесе оставка или да не учествува во одлучувањето да се поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагира дека нема поголема иронија во тоа кога СДСМ обвинува за партиска поврзаност во судството.

„СДСМ е партијата која во ист ден, со декрет, смени и именуваше 600 судии на генералниот реизбор реализиран без дискусии, само со кревање два прста. Филип Медарски, адвокатот на аболицираниот криминалец Зоран Заев има сопруга која е судија во основниот суд Скопје. Неговата баба е Јавен обвинител, а неговиот кум Гаврил Бубевски е десна рака на Катица Јанева. Судијата во Уставниот суд Наташа Габер е сестра на Виктор Габер, истакнат член на СДСМ и комисијата за надворешни работи“, пишува во реакцијата на владејачката партија, во која се наведува дека тие остануваат на истиот став за помилувањата за изборни измами како и во 2009 година.

XS
SM
MD
LG