Достапни линкови

Ефтимов ќе ги разголи „Вардарските пастуви“


Неколкумина скопски мангупи, членови на навивачката група „Комити“ и на една локална банда, во даден момент на неизмерна здодевност, апатија и недостаток на концепт за животот воопшто, доаѓаат до генијална идеја за брза заработувачка и лесен живот – ќе станат стриптизери. Ова во неколку збора е содржината на претставата „Вардарски пастуви“ на режисерот Синиша Ефтимов, чија премиера е закажана за вторник, 8 март, во 20 часот, во Театар Комедија.

Скопје, за Интернационалниот ден на жената 8-ми март, добива свое самосвојно видување на прочуената британска филмска комедија „ The Full Monty“ што ја потпиша режисерот Питер Катанео посегајќи по текстот на Сајмон Бјуфој . Или ако милувате, на хит претставата „Дамите бираат“ на Адмир Гламочак и сараевскиот Алттеатар која веќе неколку години со успех се прикажува во регионов.

Како и да е, уште од сега со нагласена љубопитност и ширум отворени очи се очекува премиерата на „Вардарски пастуви“, што како „јавно приватно партнерство“ го стокмија Синиша Ефтимов и Театар Комедија.

Главно станува збор за невработени луѓе без никаква идеја за тоа што треба да прават понатаму. И тогаш решаваат да станат стриптизери.
Синиша Ефтимов, режисер.

Во пресрет на овој чин режисерот нагласува дека иницијацијата за поставувањето на оригиналниот текст на Ентони Мекартер и Скот Синклер од Нов Зеланд (од каде што тргнала и приказната) и припаѓа на Јелена Жугиќ. Дека таа му обрнала внимание на поставката на нивните колеги од Босна и Херцеговина што овдешната публика ја виде во рамките на фестивалот „Гола месечина“, но дека тој се зафатил со проектот најмногу од една проста и едноставна причина – воодушевеноста од делото што 1997 година беше номинирано за Оскар. Притоа нагласува дека кога би бил искрен би морал да каже дека оригиналниот текст што тој го добил и не го воодушевил посебно. Дека токму поради тоа се решил да направи некаков микс од „ The Full Monty“ и „Дамите бираат“. Да направи една нова состојба, да стокми нешто повеќе од само „адаптација“. Да и вдахне нов живот на една позната идеја. Да напише еден нов македонски текст кој ќе го нарече „Вардарски пастуви“.

„Конкретната причина зашто се овие „Вардарски пастуви“ е затоа што се локални момци. Скопјани.Маалски мангупи. Заеднички именител им е ФК „Вардар“. Одат на натпревари. Навиваат. Тие се „комити“. Но, покрај нивната пасија за фудбал, во нивниот постадолесцентен живот не направиле ништо посебно. Од икс причини. Дали е тоа нивниот семеен бекграунд, дали едноставно не се заангажирале воопшто да се надградат себе си како би постигнале нешто повеќе во животот...Главно станува збор за невработени луѓе без никаква идеја за тоа што треба да прават понатаму. И тогаш решаваат да станат стриптизери.“

Ефтимов дополнува дека тие првото соочување што ќе го имаат со себе е нивната вродена хомофобност што ја налага поднебјето во кое што живеат. Затоа ќе мораат да го победат и да се „ослободат“. Најнапред да соблечат пред себе во групата, за да можат потем тоа да го прават и пред другите. Како физички така и емотивно. Но, сепак, како што вели нему во случајов таа социо-политичка сатира која што можеби може да се насети и не му била во преден план. Повеќе на „трета топка“.

„Станува збор за забавна претстава која што може да се следи на повеќе начини. Еден од тие начини е апсолутно социо-политичка сатира, меѓутоа она на што јас играм најмногу е 100 процентна бескомпромисна комедија.“

И, како што нагласува – Да, ќе има „соблекување“, но...

„Секогаш актер или уметник кој што се бави со оваа наша професија го прави она што мисли дека е оправдано. Дали тоа ќе биде соблекување или нешто сосема друго што се случува на сцена мора да биде драматуршки пред сè оправдано, а потоа да има и функција во самата сцена. Овде соблекувањето е небитно. Второстепено, па дури и третостепено. Да, маркетиншки работи, публиката ќе очекува актерите да се соблечат и таа најверојатно ќе ги види соблечени, меѓутоа тоа не е најбитното во оваа претстава. “

А, ќе се „разголуваат“ актерите Илија Илиоски, Жарко Димоски, Атанас Атанасовски, Едмонд Сотир, Валентин Костадиновски и Столе Мицов. Нивен ментор ќе биде Крсте Јовановски, а овие „вардарски пастуви“ на танчерските вештини ќе ги подучува Лина за чиј лик е задолжена Јелена Жугиќ. Од друга страна, вистинскиот кореограф зад завесата е балерината Саша Ефтимова која по прв пат официјално соработува со својот брат во една театарска претстава, костимите се на Александар Ношпал, а одбирот на музиката го сторил режисерот ( инаку и еден од оснивачите на ПИ-ЕМ-ЏИ КОЛЕКТИВ), со тоа што овојпат, согласно времето и миљето на неговите херои, посегнал по актуелните светски и домашни хитови. Како што вели „една вистинска музичка папазјанија“ со која публиката многу брзо ќе најде релации и која никого не остава рамнодушен.

Од друга страна, со седум претстави со негов потпис на репертоарот на македонските театарски сцени, „Стјуардеси“, „Сомнително лице“, „Не се клади на Енглези“, „Чолак“, „Станица љубов“, „Кој се плаши од Вирџинија Волф“ и „Ни ќар, ни зијан“, Синиша Ефтимов влегува во редот на најзапослените и „најпродаваните“ творци кај нас, па затоа и не чуди кога ќе рече дека по новиот хит - „Вардарски пастуви“, дефинитивно ќе побара ладовина оти не би сакал „да си биде конкуренција сам на себе“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG