Достапни линкови

logo-print

Местен натпревар меѓу орелот и крстот


Ред орел, ред крст, па ред јарбол со знаме и тоа кој од кој повисоки, пишува Фокус. Глобус наведува дека националистичкиот пинг-понг помеѓу двоглавиот орел и крстот е веќе видена игра, а Република се занимава со СДСМ.

Фокус - Национализмот како последно прибежиште на битангите

„Разврската со квазипатриотите мачно продолжува‟ - пишува во најновото издание Фокус анализирајќи го „Национализмот како последно прибежиште на битангите‟. И на мафијашите. Кај нас историјата секогаш се повторува, некогаш како фарса, почесто како трагедија, потсетува авторот. Така и деновиве, кога наместо да се концентрираме на она што ни е најпотребно – демократски, слободни и фер избори против режимот на Никола Груевски, но и на Али Ахмети, тие, наместо да се скријат во глувчешка дупка, по кој знае кој пат се обидуваат да ги „шашардисаат‟ нивните „народни‟ послушни следбеници со уште една доза патриотско-националистички и верски „играрии‟. Ред орел (поточно, два), ред крст, па ред јарбол со знаме и тоа кој од кој повисоки. И дотураат оган на она што најлесно може да се запали – меѓуетничките и меѓуверските односи. Овој пат, воопшто нема да им помине. Прочитани се, и точка! – извикува авторот на анализата во Фокус.

Република - Етномазохизам на радикалните структури во СДСМ

Република пишува за наводниот „Етномазохизам‟ на радикалните структури во СДСМ кој, според неделникот, го поттикнале челните луѓе на партијата, а го прифатиле опозициските медиуми, квазиекспертите и аналитичарите кои веќе подолго време ги понижувале и навредувале македонските граѓани. Следбениците на радикалната струја, продолжува Република, „во исто време отворија фронт со сите неистомисленици на секое поле... ги отфрлија дури и сопартијците од СДСМ за да ја „убијат‟ секоја прогресивна мисла внатре во партијата која го загрозува исполнувањето на нивното радикално сценарио‟.

Глобус - Самоубиството на диктатурата

Глобус пишува за „Самоубиството на диктатурата‟ при што наведува дека добрата страна на одлагањето на изборите е што „врхушката на дпмнето во паника од последиците на неизбежното и конечно заминување од власт‟ ќе имала време до крај да се разголи и разоткрие, до крај да го заврши процесот на самоубивање, покажувајќи ги сите грди страни на насилничкото самоволие и криминално владеење. Извадена од памет поради неизбежното губење на власта и соочување со политички и правни последици од самоволното владеење, коалицијата на власт пак поттикнува национална нетрпеливост и судири и свесно прави злостор кон народот, потсетува неделникот. Националистичкиот пинг-понг помеѓу двоглавиот орел и крстот е веќе видена, местена „утакмица‟, игра излитена од злоупотреба која никој не ја зема сериозно, порачува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG