Достапни линкови

logo-print

Меѓуетнички тензии за политички поени


Камп на ДУИ во Бутел, на местото каде што треба да биде поставен 55 метарскиот крст.

Камп на ДУИ во Бутел, на местото каде што треба да биде поставен 55 метарскиот крст.

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се во коалиција и секој проблем треба да го решаваат во институциите, а не да излегуваат надвор и силите да си ги мерат на улица, велат експертите.

Епилогот од настаните со поставување на темелите на крст во Бутел и двоглавиот орел во Чаир е неизвесен. Градоначалникот Изет Меџити и даде рок на Општина Бутел да ја преиспита одлуката за поставување на крст или и натаму општината ќе се соочува со поставените шатори на местото каде што требаше да се гради крст.

Се крши принципот на Бадентер кој е основниот принцип на Рамковниот договор за мултиетничка, мултиконфесионална Македонија.

Експертите од своја страна се осврнуваат на фактот дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се во коалиција и оти секој проблем треба да го решаваат во институциите, а не да излегуваат надвор и силите да си ги мерат на улица.

Градоначалникот Меџити вели дека нивните активисти кои синоќа ги урнаа тарабите ги користат демократските принципи за да оспорат нелегална одлука.

„Се крши принципот на Бадентер кој е основниот принцип на Рамковниот договор за мултиетничка, мултиконфесионална Македонија. И со тоа на некој начин се удира врз Охридскиот договор и со тоа се отвора врата и другите општини да одговараат пропорционално на ова“, изјави Меџити кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Експертите велат дека и двоглавиот орел претходно поставен во Чаир и темелите на новиот крст во Бутел имаат врска со Бадентер, порачувајќи дека отворањето разговор во локалната самоуправа за проблемите кои имаат етничка конотација треба да претставува приоритет, но оти сега се случува спротивното.

„Поставувањето на орелот и градењето на крстот секако дека имаат врска со Бадентер и целокупниот систем кој го имаме изградено со цел адресирање на проблеми кои имаат етничка конотација или очекуваме да предизвикаат етничко незадоволство. Целокупниот систем на локалната власт е изграден на начин граѓаните да разговараат и врз основа на тоа да донесат решенија кои нема да предизвикаат конфликт. Секое донесување одлука во која немало широка расправа е целно предизвикување меѓуетнички конфликт“, вели професорката Мирјана Најчевска.

Таа укажува дека настаните во Бутел и Чаир може да донесат во секој момент вжештени глави кои се на платен список на партиите со цел да се предизвика конфликт. Синоќешните случувања предизвикаа коментари дека МВР не реагирало кога насилно била отстранета оградата. Најчевска посочува дека МВР треба да почне да ги лишува од слобода оние кои стојат на чело на настаните.

„Секој од функционерите што донеле ваква одлука или биле присутни при осветувањето на крстот или орелот треба да бидат повикани на распит во полиција, не лишени од слобода, повикани на распит. И да видат граѓаните дека полицијата ги адресира вистинските сторители на овие недела.“

Како и да е во јавноста преовладува мислењето дека овие настани имаат цел да се дефокусира вниманието од состојбата во Македонија која стана загрижувачка откако опозицијата почна да ги обелоденува компромитирачките материјали со нелегалното прислушување.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG