Достапни линкови

logo-print

Страдањата на децата на мигрантската рута


Хуманитарните организации предупредија на очајната состојба со која се соочуваат децата на мигрантската рута. Тие страдаат од недостиг на храна и на хигиенски средства. Децата, како што наведуваат хуманитарците, се соочуваат и со ризикот да бидат злоупотребени или раздвоени од семејствата.

УНИЦЕФ деновиве соопшти дека децата мигранти се изложени на нехумани услови. Тие спијат на отворено, без никакви хигиенски средства и со голем недостиг на вода и храна. Тоа, според оваа фондација за деца на Обединетите нации, е особено загрижувачко на граничните премини.

„Сега гледаме дека над 34 насто од оние кои доаѓаат тука се деца со семејствата. Процентот на жените и децата е околу 55 насто и ова е очајна ситуација. Ги гледате какви се условите тука. Треба да најдеме решение за овие луѓе, но на жените и децата им е неопходна посебна грижа“, вели портпаролот на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации УНХЦР Бабар Балоч.

Тој наведува дека мора Европската унија да се разбуди и соодветно да одговори на оваа хуманитарна трагедија.

Загрижени сме од болести, од студеното време. Ни треба облека за нашите деца, ни треба место каде што ќе бидеме згрижени.

Унијата соочена со приливот мигранти и бегалци во Грција покрена нова програма за помош во вредност од 700 милијарди евра.

Балоч додава дека ризиците со кои се соочуваат децата се многубројни, од експлоатација до разни болести.

„Да не зборуваме за школување. На децата треба да им биде вратен нивниот нормален живот“, вели Балоч.

Бремената Ирачанка Интисар Али, која е мајка на две деца, неколку денови е на грчко македонската граница по долгиот пат од Турција и Грција.

„Загрижени сме од болести, од студеното време. Ни треба облека за нашите деца, ни треба место каде што ќе бидеме згрижени“, вели таа.

Нејзиното седум члено семејство е сместено во шатор што самите го купиле.

„Кога го минавме морето мислевме дека сега ќе биде полесно да дојдеме до тука и да ја минеме границата. Но тука се соочивме со нов проблем“, додава Али.

Од организацијата Лекари без граници велат дека децата најчесто страдаат од настинка и грозница.

„Врне, студено е и тоа се тие болести. Тешко е да се лекуваат бидејќи ситуацијата тука е многу лоша“, вели Мохамед Гареб од Лекари без граници.

Во меѓувреме, Обединетите нации предупредија дека бројот на бегалците и мигрантите заглавени во Грција би можело во наредните недели да достигне 70 илјади

„Ние имаме подигање огради од бодликава жица на Балканот и во Европа. Неизбежна последица на ова е дека Грција се повеќе станува камп за бегалци и мигранти“, рече пратеникот на Обединетите нации за меѓународна миграција Петар Сатерленд на прес-конференција во Женева.

Тој додаде дека во моментов во Грција има најмалку 30 илјади мигранти, а по околу 2 илјади и покрај немирното Егејско море пристигнуваат од Турција.

„Станува збор за светски проблем и одговорноста треба да ја сносат сите, оцени тој.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG