Достапни линкови

Грција подготвува кампови за 150 илјади мигранти


Грција призна дека се подготвува на долгорочна помош за околу 150 илјади мигранти заглавени таму поради затвореноста на балканската рута. Во меѓувреме, ЕУ покрена нова програма за помош од 700 милиони евра во наредните три години што ги покажува размерите на растечката мигрантска криза.

Деновиве околу 30 илјади бегалци и мигранти се заглавени во Грција, додека на Идомени, на границата со Македонија, имало 10 илјади кои чекаат да заминат за северните европски земји.

„Според мое мислење треба да сметаме дека граница кај Идомени ќе остане затворена. Овие земји и покрај притисокот на претседателите на Европската унија, на Меркел, на Папата на Црвениот крст, нема некоја влијателна личност која не ги критикува, се уште инсистираат на тоа. Немаме причина да веруваме дека ова ќе се смени“, изјави грчкиот министер задолжен за миграции Јанис Музалас, додавајќи:

„Се додека биде така и додека не проработи европскиот систем за релоцирање, овие луѓе ќе останат во Грција за извесно време“, рече Музалас.

Според мое мислење треба да сметаме дека граница кај Идомени ќе остане затворена. Овие земји и покрај притисокот на претседателите на Европската унија, на Меркел, на Папата на Црвениот крст, нема некоја влијателна личност која не ги критикува, се уште инсистираат на тоа. Немаме причина да веруваме дека ова ќе се смени.

Тој имаше неколкучасовен состанок со грчките градоначалници на кој беа разгледувани можностите за сместување на мигрантите, но и за школување на децата со оглед на тоа што една третина од оние што пристигнуваат се деца.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас изјави дека земјата може да се справи со околу 150 илјади бегалци.

„Никој во Европа не предвидуваше дека овој проблем ќе достигне гигантски размери. Но, нема причина за паника. Проблемите треба да се решаваат трезвено“, рече тој.

Грција побара 480 милиони евра како итна помош од Унијата за да се справи со кризата.

Во меѓувреме, во Брисел е соопштено дека Европската комисија ќе обезбеди 700 милиони евра помош за бегалците и мигрантите.

Предлогот на Комисијата, доколку биде одобрен, предвидува годинава во новата итна програма за помош да бидат префрлени 300 милиони евра од буџетот на Унијата од 155 милијарди евра. Во наредните две години таа сума би изнесувала уште 200 милиони евра.

„Со овој предлог ќе се обезбеди европски одговор врз основа на солидарност и хуманост и им ги нуди на бегалците основните потреби“, рече Христос Стилијанидес, комесар на Европската комисија за хуманитарна помош и управување со кризи.

Ова е за прв пат Унијата да издвојува средства за справување со бегалската криза во земјите членки.

Извори во Брисел наведуваат дека главно е сега новата програма да профункционира на теренот во наредниве неколку недели, а не месеци.

Програмата потоа би била постојан дел од буџетот на Унијата и ќе биде користена од секоја земја членка која не ќе може сама да се справи со слични предизвици.

Овие пари исто така ќе им бидат на располагање на другите членки на ЕУ по должината на балканската рута.

Македонија и Србија кои се на таа рута, не се членки на Унијата, потсетуваат новинските агенции.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG