Достапни линкови

logo-print

Судењето за Диво Насеље одложено за 8 март


Петтото рочиште за судскиот процес Диво Насеље денеска е одложено поради немање услови за одржување на главната расправа во скопскиот Кривичен суд. Тројца од адвокатите на обвинетите ја напуштија судницата, поради лошите услови во кои се одвива судењето. Адвокатите се казнети со по 1.200 евра поради нарушување на редот во судницата и оневозможување на услови за одржување на главна расправа.

Адвокатите бараат на секој бранител да му се овозможи да седи до обвинетиот што го застапува, присуство на најмалку по еден од роднините на обвинетите, како и присуство на новинарите.

Скопскиот Кривичен суд, пак, во денешното соопштение ги демантира тврдењата дека не биле обезбедени услови за водење на постапката. На денешното судење, како што се наведува во соопштението, освен обвинетите и нивните бранители, како и лицата задолжени за спровод и обезбедување, во судницата биле присутни и претставници на мисијата на ОБСЕ и Косовската амбасада.

„Дополнително, заради транспарентно и непристрасно следење и пренесување на случувањата во судницата, судот обезбеди видео-конференција од судењето за медиумите, во библиотеката на судот каде денеска присуствуваа 23 новинари од различни медиуми, како и претставници на Хелсиншкиот комитет и Коалицијата – Сите за правично судење“, се додава во соопштението, во кое се посочува дека во судницата биле обезбедени дополнителни 10 до 15 места предвидени за роднините на обвинетите кои побарале присуство како јавност.

Во случајот Диво Насеље се обвинети 29 лица за тероризам и учество во терористичка организација. На 9 и на 10 мај минатата година во кумановско Диво Насеље вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група. Новото судско рочиште е закажано за 8 март.

XS
SM
MD
LG