Достапни линкови

Маки за бегалците, но маки и за полицајците


Ситуацијата на македонско грчката граница е мирна, а се пропуштаат мали групи на бегалци. Македонските полицајци, армијата и нивните колеги од странство си ја вршат работата, некој пропушта бегалци, друг поставува ограда.

Убав сончев ден е денеска, велат македонските полицајци на македонско-грчката граница. Но, нивниот коментар не се однесува толку за временската прогноза, колку за тоа што денеска нема тензии на границата. Ситуацијата на македонско грчката граница е мирна, а се пропуштаат мали групи на бегалци.

Македонските полицајци не сакаат јавно да зборуваат или во камера, но во неформален разговор велат- „Никогаш не знаеме кога ќе има тензии. Може во било кое време да се случат. Ние сме тука да ја обезбедуваме границата и да спречиме евентуално насилно однесување на бегалците.“

Велат дека сега процедурите се побавни за разлика од порано, но затоа сега потемелно се проверуваат бегалците. Кога ќе ги прашате за условите во кои тие работат, велат за тоа не можат да зборуваат, но дека по 12 часови дневно поминуваат на границата и оти секој си има своја задача.

Припадниците на македонската гранична полиција се оние кои се задолжени за пропуштање на бегалците од грчка страна на македонска територија во соработка со нивните колеги од странство. Кога го прашавме словенечкиот полицаец, кој делуваше како одговорен за спроведување на процесот, ни рече - „Немам време сега да зборувам, бидејќи гледате имаме работа“, за подоцна воопшто да не им дозволи пристап на новинарите до местото каде се пропуштаа бегалците. Рече доволно е снимање за денеска.

Во тој момент на границата пристигна и едно семејство од Иран, како што дознавме. Македонските полицајци ни кажаа дека тие биле вратени од Словенија и оти сега ќе мора да бидат вратени повторно во Грција од истиот премин каде се пропуштаат останатите бегалци. Додека оние кои влегоа чекаа документи од полицијата и помош за да го продолжат својот пат до прифатниот камп „Винојуг.

На патот до прифатниот камп сретнавме и припадници на словачката полиција кои само кратко рекоа дека заедно со македонската полиција вршат патрола и помагаат во прифатниот камп. По пат можеа да се забележат и припадниците на македонската војска, кои беа порасположени за разговор. Тие поставуваа нова ограда која ќе води токму до прифатниот камп. Ни кажаа дека се инженери и дека остануваат по една недела во Гевгелија и потоа се менуваат и се враќаат за Скопје на неколку дена. Токму денеска може да се забележи смената на припадниците на македонските безбедносни сили. Едните си одеа, додека другите пристигнуваа со автобус или џип. Еден од инженерите во македонската армија ни кажа дека се сместени во објект на Млаз Богданци, каде и ги враќаат на паузи за ручек и вечера. Не се жалат и велат добро е, а за тоа како обврски ќе имаат во текот на денот се договараат наутро со нивните командири.

Најнерасположени за разговор беа полицајците од Австрија. Тие само кратко рекоа - „Не сакаме да разговараме“.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG