Достапни линкови

Бридлав - Mигрантската криза, оружје против Европа


Главниот командант на НАТО силите, американскиот генерал Филип Бридлав, предупреди дека Русија и Сирија ја претвориле бегалската криза во оружје против Западот. Според него, бранот од стотици илјади мигранти од Сирија во Европа имало дестабилизирачки ефект од Балканот до Скандинавија.

Заедно, Русија и режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад намерно ја искористија миграцијата во обид да ги победат европските структури и да ја скршат европската решителност, изјави Бридлав во ресорниот Комитет на Сенатот.

Тој додаде дека Москва и Дамаск со бомбардирања предизвикале масовно расселување од Сирија, што доведе до голем притисок врз европските земји.

„Руската интервенција во борбите во Сирија го усложни проблемот и ја смени динамиката во воздух и на копно. И покрај јавните изјави дека дејствува спротивно, денес Русија прави малку за да им се спротивстави на милитантите на Исламската држава и во голема мера го зајакнува режимот на Асад. Да биде јасно, сите вистински конструктивни напори за окончување на војната се добредојдени. Но, на крајот акциите ќе зборуваат погласно од зборовите“, рече генерал Бридлав, додавајќи:

Овие криминалци, терористи и странски борци кои се враќаат дома јасно се секојдневен дел од бегалскиот бран во Европа.

„Не можам да најдам никаква друга причина за бомбардирањата на режимските војници врз опозициски цели и непрецизната употреба на оружјето од страна на руските сили, освен да предизвикаат бегалци кои треба на некој друг да им прават проблем“, рече тој.

Рускиот заменик премиер Дмитри Рогозин ги отфрли ваквите обвинувања на Бридлав.

„Префрлање на вината: специјалист за бомбардирање на свадби во Авганистан нè обвинува за непрецизни напади“, пишува Рогозин на неговата Фејсбук страница.

Инаку, генерал Бридлав оцени дека бранот бегалци донесе Тројански коњи во форма на криминалци и терористи во Европа.

„Овие криминалци, терористи и странски борци кои се враќаат дома јасно се секојдневен дел од бегалскиот бран во Европа“, рече тој.

Според Бридлав, терористичката група Исламска држава се „шири како рак“ во рамките на протокот на мигранти, искористувајќи ја предноста на помал отпор на овој пат со што претставува закана за европските земји.

Бридлав предупреди дека од друга страна противењето на големиот прилив на мигранти меѓу националистите во Европа може да доведе до насилства.

НАТО минатиот месец за прв пат се вклучи во бегалската криза со нова мисија, односно патролирањево Егејското Море со цел да ги спречи шверцерите на луѓе кои превезуваат мигранти од Турција во Грција.

Генерал Бридлав ја потврди оценката на други врвни луѓе во Пентагон дека Русија претставува растечка закана за Соединетите Држави.

„Русија избра да биде противник и да претставува долгорочна егзистенцијална закана за Соединетите Држави и за нашите европски сојузници и партнери", рече Бридлав, додавајќи:

„Русија е нестрплива да изврши големо влијание врз соседните држави во нејзината тампон зона и користи воена сила да го наруши суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, Грузија и Молдавија“, рече тој.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG