Достапни линкови

logo-print

Бегалците протестираат со песна


Македонско оклопно возило се движи покрај оградата на македонско-грчката граница.

Македонско оклопно возило се движи покрај оградата на македонско-грчката граница.

Македонија не пропушта бегалци, оти грчката полиција не го обезбедува преминот од нивна страна. Бегалците по вчерашните насилства, денеска со мирен протест и пеејќи бараат да влезат во земјата.

Македонската полиција засега не пропушта бегалци кои доаѓаат од грчка страна на македонска територија. Според полицијата, бегалци не се пропуштаат поради тоа што преминот не се обезбедува од грчката полиција. Во Идомени во моментов се наоѓаат околу 8.000 бегалци кои чекаат да ја преминат границата за да го продолжат својот пат до некоја од западноевропските земји. Тие денеска со мирен протест и пеејќи песни побараа да им се овозможи да ја преминат грчко-македонската граница. Велат дека нивната порака е оти сакаат само да ја преминат границата. Не сакаат ништо друго од Македонија, туку само да го продолжат својот пат понатаму.

Имут Масур од Сирија, од градот Идлиб, кој со своето семејство е во Идомени, ни кажа дека тие бегаат од насилство и дека не сакаат да го практикуваат истото на границата. Тој истакна дека веќе десет дена е на Идомени и се пожали на лошите услови во прифатниот камп.

Дваесетитригодишниот Хасан од Алепо, Сирија, чекаше пред границата со неговите пријатели, за да го пуштат на македонска територија. Тој ни кажа дека сака да стигне до Германија или Австрија и дека само бара мир. Тој рече дека целото семејство му останало дома и покрај тоа што ситуацијата во Сирија е тешка. Но, според Хасан, друг избор немал. Освен во прифатниот камп на Идомени, бегалци може да се забележат како одат пешки до кампот на асфалтираниот пат или околните ниви и се движат во помали групи. Постојано нови семејства, жени и деца, пристигнуваат тука во Идомени, додека другите чекаат да го продолжат својот пат. Сè уште не се знае кога и дали македонската полиција денеска ќе им дозволи премин на бегалците.

Бегалците вчера се обидоа да ја пробијат оградата на грчко-македонската граница. Тие фрлаа и камења врз македонската полиција, по што полицијата возврати со солзавец. Македонија донесе одлука да го ограничи бројот на бегалци на кои ќе им се дозволи транизит низ земјата на околу 500 дневно.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG