Достапни линкови

Мигрантски бунт на македонско-грчката граница


Мигрантите сакат да влезат во Македонија, полицијата ги спречува. Ова е тешка ситуација и за бегалците и за хуманитарните работниците, велат од УНХЦР. Ова е предизвик и за земјите од балканската рута кои ограничија влез на мигранти.

По денешните тензии, во моментов ситуацијата на македонско-грчката граница е мирна. Македонската полиција претходно со солзавец се обиде да ги спречи мигрантите кои се обидоа да ја урнат оградата на македонско грчката граница и насилно да влезат на територијата на земјава. Тие претходно кон македонската полиција фрлаа камења и ја блокираа пругата со цел да им се дозволи влез во Македонија. Стела Нану од УНХЦР Грција вели дека во Идомени се наоѓаат околу осум илјади мигранти.

„Имаше тензии ова утро, бидејќи луѓето се сè повеќе фрустрирани. Тензиите растат и имаше и протести кои доведоа до хаотична ситуација која лесно може да излезе од контрола. Луѓето се таму со денови. Тие се многу уморни и меѓу нив има и семејства со мали деца кои живеат под многу тешки услови. Некои од луѓето за време на вечерта спиеја на отворено или во шатори. Но, ситуацијата е многу тешка и предизвикувачка за бегалците, но и за хуманитарните работници“, вели Стела Нану од УНХЦР Грција.

Кастриот Реџепи од невладината „Нун Култура“, вели еден воз со над 450 беглаци утрината се упатил накај Табановце. Според него, се пропуштаат бегалците во помали групи. Тој смета дека се создава тензија, бидејќи нема контрола на бегалците и мигрантите од грчката страна.

„Значи поради тоа што поголем број на бегалци се насобрани на Кота 59 и дека во моментов не се пропуштаат да транзитираат почнаа да протестираат и да фрлаат со камења така да ситуацијата од грчка страна е надвор од контрола, бидејќи границата сега за сега е затворена“, вели Реџепи.

Словенија, Хрватска, Србија и Македонија поставија ограничување од 580 мигранти дневно. Ова следуваше откако Австрија донесе одлука да им дозволи само на 3.200 мигранти да поминуваат низ земјата.

Љубинка Брашнарска од УНХЦР Македонија вели дека сите држави од балканската рута имаат суверено право на управување со границите и да имаат координиран пристап, но мора да се земе во предвид потребата за меѓународна заштита на бегалците и нивните човекови права.

„Таквите критериуми треба да се ревидираат со цел да не донесат уште повеќе страдања за луѓето кои што виделе војна, кои што преживеале војна и кои што бараат мир“ вели Љубинка Брашнарска од УНХЦР Македонија.

Стела Нану од УНХЦР Грција, смета дека од една страна се затвораат границите, а од друга нема алтернативно решение и потребна е поголема соработка и делење на одговорности меѓу земјите.

„Бидејќи одговорот не се само да се воведат ограничувања, без никаква алтернатива за овие луѓе кои се наоѓаат во многу тешка ситуација“, вели Нану.

На Табановце, според Брашнарска, се наоѓаат и околу 800 бегалци кои биле вратени од границата со Србија. Грција предупреди и дека бројот на мигранти на нејзина територија ќе се зголеми на повеќе од 70.000 поради затворањето на границите на земјите од балканската рута. Во меѓувреме, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск најави посета на земјите од балканската рута, меѓу кои и на Македонија од 1 до 3 март.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG