Достапни линкови

logo-print

Нема единство во ЕУ за мигрантската криза


Германскиот канцелар Ангела Меркел побара од европските лидери да најдат заедничко решение за мигрантската криза. Од друга страна, унгарскиот премиер Виктор Орбан ги обвини евро лидерите дека немаат волја да организираат ефикасен одбранбен систем против приливот мигранти.

Во интервју за телевизијата АРД Меркел изјави дека не постои „план Б“ доколку европските лидерите не успеат да постигнат согласност со Турција како да го намалат бранот мигранти и бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан во Европа.

„Европската унија не смее исто така да дозволи Грција да западне во хаос поради приливот мигранти“, изјави германскиот канцелар Ангела Меркел, откако илјадници мигранти се блокирани на грчка територија по затворањето на границите по должината на „балканската рута“.

„Дали навистина можете сериозно да верувате дека сите земји на еврозоната се бореа Грција да остане во таа зона за на крај, една година потоа, да се дозволи Грција да западне во хаос“, рече таа, изразувајќи голем оптимизам дека Европа ќе застане заедно и ќе успее да се справи со кризата.

Дали навистина можете сериозно да верувате дека сите земји на еврозоната се бореа Грција да остане во таа зона за на крај, една година потоа, да се дозволи Грција да западне во хаос.

„Ова е многу важна фаза во нашата историја“, оцени Меркел.

Лидерите на Европската унија и на Турција ќе се сретнат на 7 март за да разговараат за кризата која донесе над милион луѓе во Европа само во минатата година.

Во неделата, Атина предупреди дека бројот мигранти на грчка територија во март ќе достигне 70 илјади, и тоа поради квотите што го воведоа земјите на „балканската рута“.

Минатата недела НАТО обелодени дека бродови на Алијансата кои веќе се наоѓаат во Егејско Море ќе собираат разузнавачки и други информации за шверцерите на луѓе кои потоа ќе им бидат давани на располагање на крајбрежните стражи на Турција и на Грција.

„Доколку овој план биде спроведен, тоа би можело да доведе до намалување на приливот на мигранти за околу 70 насто“, оцени грчкиот министер задолжен за миграции Јанис Музалас, наведувајќи дека Грција побара итни финансиски средства од Европа за да се справи со кризата.

Според него, во Грција моментално се наоѓале над 22 илјади бегалци, додека на грчко македонската граница имало заглавено над шест илјади.

Во меѓувреме, унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Европската унија може да го запре приливот мигранти, но оти нејзините лидери не сакале да го сторат тоа.

„Доволно лошо е тоа што Брисел не може да организира одбранбен систем, а уште полошо е што не постои ни волја за тоа“, изјави тој во годишното обраќање до нацијата.

„Иднината на Европа не ја загрозуваат само оние што сакаат да дојдат, туку и политичките и економските лидери, како и интелектуалците кои се обидуваат да ја претворат Европа во Европа против европскиот народ“, оцени Орбан, критикувајќи ја политиката на отворени граници на германскиот канцелар Ангела Меркел.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG