Достапни линкови

logo-print

Одложени избори и аболиција за изборен криминал


Фокус пишува за можноста да му се дозволи на претседателот на држава да амнестира обвинети за изборен криминал, Република дека странците работат за СДСМ, а Глобус за распаќето на кое се наоѓа Македонија.

Фокус - Хорхе аболиционерот

Иванов конечно ќе добие вистинска шанса да ја изигра најважната улога во својот живот, како кормилар на бродот што забрзано плови кон судир со една огромна ледена коцка, по што враќање назад ќе нема. Ни за него, ни за патниците на македонскиот „Титаник!‟

„Хорхе аболиционерот‟ го насловува авторот својот уводник во најновиот Фокус, алудирајќи на можноста со својот последен збор, или потпис, да ја активира одлуката на Уставниот суд претседателот на државата да може да аболицира, или да помилува криминални дејанија за време на избори. Што ќе рече, Јанкулоска и Јанакиески кои добија обвиненија од Специјалното обвинителство токму за такви дела ќе може да бидат помилувани. Фокус апелира до опозицискиот лидер Заев да го признае тактичкиот автогол со одвојувањето на СДСМ од граѓанските организации за одново да ја обедини граѓанската енергија која на 17 мај на перфектен начин успеа да обедини и „партизани и Германци‟ и наместо плачки за медиумски слободи, работата да се извојува на терен. Фокус исто така смета дека имиџот на чесноста за Груевски и неговите е веќе урнисан и дека на таа линија треба уште повеќе да се дејствува затоа што падот на популарноста на ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже наскоро дека не е невозможно оваа власт да падне и на избори. Иванов конечно ќе добие вистинска шанса да ја изигра најважната улога во својот живот, како кормилар на бродот што забрзано плови кон судир со една огромна ледена коцка, по што враќање назад ќе нема. Ни за него, ни за патниците на македонскиот „Титаник!‟ - завршува Фокус.

Република - Опозицијата е разобличена – Заев покажа кој го раководи СДСМ

Република, пак, во уводникот пишува дека „Опозицијата е разобличена – Заев покажа кој го раководи СДСМ‟ со отворени алузии дека странците се оние што му помагаат на Заев. Одложувањето на изборите на 24 април, според Република, било дочекано со разочарување од најголем дел од граѓанството кое повеќе од една година ги чекало своите пет минути за да стави крај на кризата што ја предизвикале токму Заев и „неговите странски пријатели‟. И авторот покажува разочарување кога пишува дека „расплетот на драмата на 23 февруари навестува дека на 5 јуни работите можат да се исправат, дека Македонија може да излезе од криза и правдата наскоро да биде задоволена‟.

Глобус - Излез на распаќе

„Излез на распаќе‟ е насловена колумната Таленти во најновото он-лајн издание на Глобус. Па авторот наведува дека народната мудрост „угоре високо – удолу длабоко‟ точно ги изразува дилемите и неизвесноста на распаќето од безизлез во кое се втурнати Македонија и нејзините граѓани. Ставот на Вашингтон и на Брисел дека не се исполнети условите за априлски избори разјасни една, но отвори нови дилеми, пишува авторот на колумната: дали да се продолжи удолу, или конечно да се фати пат угоре. „Угоре високо – е новата насока од распаќето на безизлезот, отворена со одложувањето на изборите и создавање услови за колку-толку кредибилни избори. Тоа е почеток на нов тежок и неизвесен пат на искачување нагоре, на враќање кон нормалните вредности укинати со насилништвото на врхушката на дпмнето. Отворен е пат по стрмна угорница, тежок и полн со неизвесност, но барем оди нагоре‟ - завршува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG