Достапни линкови

logo-print

Пет години слобода со Радио МОФ


Стефан Алексиќ, координатор на Радио МОФ

Стефан Алексиќ, координатор на Радио МОФ

Иако почнавме како младински медиум, многу брзо сфативме дека постојат многу заедници кои се запоставени од страна на медиумите. Тие полека почнаа да добиваат простор на нашата платформа, пишува Стефан Алексиќ, координатор на Радио МОФ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Пред пет години, поведени од фактот дека е ограничен просторот во кој младите можат да се изразат, креиравме медиум кој е отворена станица за промоција на младинската, културната и креативната заедница.Симболично, првата песна која ја емитуваше Радио МОФ беше We are all made of stars – Moby (Ситe сме создадени од ѕвезди - Моби).

Во оваа прилика би сакал оваа прилика да ја искористам да споделам неколку мислења стекнати во годините поминати во Радио МОФ.

Интернетот им припаѓа на младите

Можеби ја немаме најбројната публика, но тоа што нам ни значи е тоа што имаме лојална и критичка публика. Само за пример, во моменти кога провладини медиуми посветуваат цели фермани против нас, заедницата беше таа која ни даде поддршка преку твитер со хаштаговите#ЗбогумСиромаштијо и #ФалаЛатас.

Кога гледам на изминатите пет години, можам да го дадам заклучокот дека интерентот им припаѓа на младите. Младите го искористија интернетот да ги создадат движењата како: Протестирам, Операција Студентски Дом, Студентски пленум, Средношколски пленум, #НеСеДише, #РетвитниОброк и многу други. Сметам дека овој медиум за комуникација им се најде на сите оние кои имаа што да кажат во време на медиумски мрак. Само замислете како ќе изгледаше нашето општество под истите политички услови, но без интернет. Може да се каже дека интернетот во Македонија стана последниот бастион на слободната мисла и објективното новинарство.

Сепак, тоа што нè загрижува во Радио МОФ е што интернетот сè повеќе се полни со шунд содржина. Сензационални наслови со мизерна содржина ги преполнуваат социјалните мрежи, а пропагандата е исто загрижувачки фактор. Иако верувам дека грото од македонската младина преку новите технологии одлично го совладаа англискиот јазик, и најголем дел од времето минуваат по странски сајтови, сепак не треба да гледаме наивно на македонската сцена. На нас младите ни е од огромна важност да се бориме за слободен интернет, интернет кој не трпи речиси никаква државна регулација, да создаваме заедници кои знаат да ценат и да препознаваат квалитетна содржина. Само преку таков интернет може да бидеме сигурни дека младите имаат простор каде можат да ја продолжат својата борба за демократија.

Кул е да бидеш медиум на заедниците

Иако почнавме како младински медиум, многу брзо сфативме дека постојат многу заедници кои се запоставени од страна на медиумите. Тие полека почнаа да добиваат простор на нашата платформа. Денес Радио МОФ се гордее со првата ЛГБТ емисија, со емисија за сексуално и репродуктивно здравје, емисија за волонтери, емисии за алтернативна музика, психологија, Sci-Fi, емисии за екологија и природа, астрономија итн.

Од ден на ден, сè повеќе дававме простор на различни заедници. На Радио МОФ можете да ги прочитате сите новости за образованието и граѓанскиот сектор , загадувањето, културните настани, канабисот, интервјуа од значајни личности... Многу сме горди на нашите новинари, кои од првите редови пожртвувано ги следат сите протести, но и на нашите техничари кои ѝ покажаа на целата заедница што е тоа интернет стрим.

Ова се работи кои македонската интернет заедница ги препознава и цени. Можеби ја немаме најбројната публика, но тоа што нам ни значи е тоа што имаме лојална и критичка публика. Само за пример, во моменти кога провладини медиуми посветуваат цели фермани против нас, заедницата беше таа која ни даде поддршка преку твитер со хаштаговите #ЗбогумСиромаштијо и #ФалаЛатас.

Колку повеќе им помагаш на заедниците, толку повеќе заедниците ќе ти возвраќаат назад. Сето ова ни покажа дека сме на вистинскиот пат...

Што научивме од интернетот?

Интернетот е двонасочна алатка за комуникација. Токму затоа, ние како медиум многу често ги инкорпорираме мислењата на нашата публика, секоја критика упатена кон радиото за нас е добронамерна. Ако некој интернет корисник решил да те критикува, тоа значи дека ти му значиш и тој одлучил да потроши дел од своето слободно време, со цел да го подобри нашиот медиум.

Ако не можеш да бидеш најбрз, тогаш биди најквалитетен. Радио МОФ секогаш се труди да ги вклучи сите аспекти од една вест. Нашата цел е објективно информирање на читателите, токму затоа нас ни е многу поважно секоја вест да биде прецизна, отколку да биде објавена пред други медиуми. Иако можеби на краток временски период тоа ќе го намали бројот на корисници, сепак со тек на времето заедницата ќе ве препознае како квалитетен медиум и вашата содржина ќе ја цени многу повеќе, од содржината на другите медиуми.

Уникатната содржина е многу важна. Со цел да бидете медиум кој е глас на заедниците, мора вашата содржина да ја црпите директно од нив. Иако во овој момент нашиот медиум нема капацитети целата содржина промовирана на веб страницата да биде изворно наша, сепак наша цел е во иднина ние да бидеме автори на содржината. Содржина која потекнува директно од вас е знак дека вие ја разбирате заедницата. Доколку ваша цел е да презентирате квалитетна и етична содржина, тогаш важно е вие да бидете медиумот кој ќе го препознае интересот на читателите.

За крај, би додал дека годините зад нас беа одлично искуство, исполнето со многу подеми и падови. Започнавме доста наивно, сметајќи дека водењето младински медиум е доста лесна работа. Учевме од нашите грешки и ниту една препрека не нè спречи во намерата да создадеме слободна младинска станица.

Ни требаше време за да сфатиме дека кул музика не е единствената состојка во формулата за добивање на довербата кај младите. Низ годините научивме да правиме директен видео пренос од бројни настани, отстапивме простор за повеќе од 60 емисии водени од над 150 волонтери, направивме супер конференции каде што се славеше слободната мисла, создадовме тим со посветени новинари, го споделивме нашето знаење со младите од цела Македонија. Денес гордо може да кажеме дека Радио МОФ е еден од најзначајните младински медиуми. Мислам дека направивме многу, но силно веруваме дека најдоброто допрва доаѓа.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG