Достапни линкови

Судиите треба да го штитат Уставот, а не да застапуваат нечии интереси, повикуваат од платформата за граѓанска политика „Ајде“ под паролата „ Да го одбраниме Уставот од уставните судии.

Уставните судии ја убија изборната демократија, велат демонстрантите кои протестираа пред Уставниот суд, откако тој се произнесе дека ќе ја разгледува иницијативата за зголемување на ингеренциите на претседателот со што би му се овозможило да помилува осудени за изборен криминал. Тие објаснуваат дека овој преседан е неприфатлив, затоа што според Уставот изборите се слободни, непосредни и демократски и со овозможување на помилување на осуденици за изборен криминал директно се крши уставното начело.

Во најблаг случај да си дадат оставка на своите работни места како судии, а сакаме и опозицијата да ја предизвикаме да заземе поцврст став во однос на сето она што се случува.

„Ние можеби се плашиме да си признаеме, но сите показатели укажуваат дека осмосептемвриската Република Македонија е убиена република. Протестот е првото и најочигледното средство на граѓаните, не за да ја заштитат, туку за да ја возобноват Македонија,“ вели еден од активистите кои протестираа деновиве пред Уставниот суд, Васко Лазаревски.

Платформата за граѓанска политика „Ајде“ повика на протести под паролата „ Да го одбраниме Уставот од уставните судии.

Намерата на иницијативата која е во рацете на уставните судии е да се амнестираат сите кои досега сториле измама на изборите, како и амнестирање на лицата од „Титаник“, велат дел од иницијаторите на протестот.

„Не е само проблем само за тие лица, тука се гледа намера дека во иднина се охрабруваат партиски војници да сторат кривични дела против изборната волја на граѓаните и да сторат дело со кое ќе ја променат слободно изразената волја на граѓаните, само тоа не предизвикува да излеземе на улиците и да се спротивставиме,“ вели Алек Гочев од „Ајде“.

Лазаревски очекува дека резултатот од протестот ќе биде потсетување на 5-те уставните судии кои гласаа „за“, дека се правници и дека треба да работат исклучиво според правните начела и да го штитат Уставот.

„Во најблаг случај да си дадат оставка на своите работни места како судии, а сакаме и опозицијата да ја предизвикаме да заземе поцврст став во однос на сето она што се случува, затоа што не веруваме дека во догледно време ќе може во Македонија да има кредибилни избори, а да не зборуваме за фер и демократски избори кои би придонеле за позитивна промена во Република Македонија.“

Иницијаторите најавуваат дека протестите ќе продолжат се додека не издејствуваат промена.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG