Достапни линкови

Пишувањето како дел од личниот идентитет


Продавачот на ветар и магла е насловена збирката раскази на Стефан Марковски, за која авторот ја доби наградата „Македонска книжевна авангарда“ што ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација – Македонија презент. Ова е негова седма објава во творештвото сочинето од различни книжевни видови жанрови и валоризирано со повеќе значајни признанија.

Стефан Марковски е раскажувач, поет, драматург, сценарист, филозоф...Млад човек кој зрачи со својата силна творечка енергија. Еден од оние кого во животот го води желбата за личен посег по вистината. Вели дека секоја личност си има повеќе свои страни и дека животот не е еднонасочна улица туку лавиринт од патишта во кој секој од нас треба да се пронајде. Да го пронајде конечниот пат во себе.

Сите овие модалитети коишто го сочинуваат нашето живеење не се ништо друго освен различни патишта во потрагата да допреме до самите нас. Јас лично, преку пишувањето кое го чувствувам за дел од себе си, за дел од сопствениот идентитет, во социјална и во психолошка смисла се обидувам , всушност, да пријдам кон некоја самореализација.

„Сите овие модалитети коишто го сочинуваат нашето живеење не се ништо друго освен различни патишта во потрагата да допреме до самите нас. Јас лично, преку пишувањето кое го чувствувам за дел од себе си, за дел од сопствениот идентитет, во социјална и во психолошка смисла се обидувам, всушност, да пријдам кон некоја самореализација. Кон себереализација. Кон допирање на уште подлабоките суштини на она што чувствувам дека сум.“

Роден на 1 декември 1990 година во Гевгелија, Стефан Марковски дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и е апсолвент на Институтот за Филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Згора на тоа посетува и постдипломски студии на Факултетот за Драмски уметности, насока Филмско и ТВ сценарио и автор е на повеќе книги од различни книжевни видови и жанрови.

Првообјавено дело му е романот „Еднонасочно“ за кое во 2009 година ја доби наградата „Петре М. Андреевски“, потем во наредните две години излегуваат неговите две збирки поезија „Аперион“ и „За некои спомени на онаа некогашност“, па „Хиерархиска еволуција на свеста“ (Психологија и теорија на ум, 2012), „Мета(де)конструкција и општа филозофија“ (Филозофија, 2012), „Среќата е глагол“ (Психологија и филозофија, 2013) и актуелната книга со раскази и драмски текст „Продавачот на ветар и магла и други приказни “ ( Библиотека „Гоце Делчев“ Гевгелија) за која што ја доби наградата „Македонска книжевна авангарда“ што ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација – Македонија презент од Скопје.

За ова негово иновативно, експериментално, специфично, концептуално и постмодернистичко книжевно дело Драги Михајловски забележува дека Стефан Марковски е „несекојдневен автор во современата македонска книжевност и пошироко“, Венко Андоновски „дека станува збор за извонреден стилист, концизен и двосмислен“, Васил Тоциновски посочува дека „тој бележи, критикува и опоменува“, а Рајна Кошка го издвојува „дискретниот хумор избалансиран со придушена меланхолија“.

„Продавачот на ветар и магла и други приказни“ е спој од она што сум имал храброст да го одвојам како вредно за објавување а напишано во последните седум или осум години од мојот живот. Делото е инспирирано од многубројни реални настани, од реални ликови, реални ситуации, меѓутоа доминантниот и клучен дел го опфаќа мојата имагинација како автор“, вели Марковски.

Тој појаснува дека во истоимените расказ и драма клучна е пораката која што сака да ја испрати како автор. Дека главниот лик во овој случај и во метафоричка и во буквална смисла „продавач на ветар и магла“.

„Пораката е клучна во голем дел од расказите, меѓутоа во некои од нив исто така се ориентирам во однос на формата. Се ориентирам и кон начинот на раскажување, кон стилот...Особено во вториот дел од книгата каде што има повеќе ставено акцент на комичните аспекти на нашата живеачка. Исто така пробувам да балансирам помеѓу суштина и форма на пишување. Помеѓу порака, помеѓу ликови, помеѓу ситуации од една страна, а од друга – стил, начин и пристап како автор. “

Стефан Марковски е и на неколку домашни и странски признанија за есеи, меѓу кои и награда на GOI – Токио и УНЕСКО, оние на конкурсот „Блаже Конески“ при Филолошкиот факултет, за поезија и раскази ...и највисокот признание „Гран При“ на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар.

Застапен е и во повеќе антологии во трите жанрови во кои се вклучени автори од најновата генерација, а своите уметнички и есеистички текстови ги објавувал во публикациите „Акт“, „Стремеж“, „Современост“...во студентските списанија, како и на повеќе интернет страници.

Од таму за пишувањето е дециден кога вели дека го чувствува за дел од личниот идентитет.

„Доколку не пишувам чувствувам дека не би реализирал дел од она што сум како личност, како автор, и затоа пишувам, колку тоа и хедонистички да звучи, пред сè заради самиот себе си, а потоа и заради луѓето кои што ме опкружуваат и ситуациите во кои што се тие инволвирани. Секој автор исто така има морална одговорност кон својата публика. Секој автор има поттик од она што го подразбира и евалуацијата на неговиот труд и затоа наградите во минатото ме инспирирале, а се надевам дека и во иднина ќе ме инспирираат да го градам мојот пат кон себереализација во контекст на пишувањето. “

И уште нешто. Писателот веќе извесно време ги разгледува можностите да преведе дел од своите објавени дела на англиски јазик и да ги сподели со светската публика, а живее и со идејата да формира Друштво на писатели и поети кое би функционирало на регионално ниво и би ги опфатило творците од Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран се со цел ваквото поврзување и вмрежување да придонесе во менување на сеопштата слика за актуелната книжевно-културна продукција од југот на земјава.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG