Достапни линкови

Најновата одлука на Уставниот суд, порака до сите кои направиле некаков изборен криминал дека владејачката структура има инструменти што ќе ги заштити од затвор.

Не само што со одлуката на уставните судии да поведат постапка за оценување на измените на Законот за помилување се отвора можноста претседателот да ги помилува оние што ќе се утврди дека учествувале во изборен криминал, туку на некој начин, се аминува таквиот однос и на следните избори, сметаат експертите.

Мислам дека може да се случи претседателот во комбе да врти од изборно до изборно место со бланко формулари и на сите што ќе направат насилство на изборите и што ќе кршат кутии веднаш да им дава аболиција.

Според адвокатот Александар Тортевски не постојат дилеми дека со ова се поткопува и следниот изборен процес.

„Мислам дека може да се случи претседателот во комбе да врти од изборно до изборно место со бланко формулари и на сите што ќе направат насилство на изборите и што ќе кршат кутии веднаш да им дава аболиција. Ќе им се покаже на сите силеџии и на сите криминалци ангажирани за изборите дека владејачката структура има инструменти што ќе ги заштити од кривично гонење за изборен криминал“, вели Тортевски.

Инаку и во извештајот на тимот експерти предводени од Рајнхард Прибе кој странците постојано го споменуваат како итни реформи во врска со досегашните сомнежи за изборни нерегуларности се наведува дека„секоја нерегуларност којашто е откриена треба да биде проследена на таков начин што сите грешки вклучувајќи ги и тие коишто се утврдени во Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, се адресирани пред наредните избори да се одржат, со цел да се увери дека такви нерегуларности нема да се случат повторно.“

Очигледно е дека не се земаат сериозно ваквите препораки на Прибе, меѓународната заедница, па и несогласувањата од дел граѓани, вели професорот Темелко Ристески.

„На тој начин се праќа порака дека и понатаму ќе се случуваат изборни нерегуларности со тоа што се охрабруваат сите оние кои ги чинеа изборните нерегуларности и понатаму тоа да го прават. Наместо да се сопре тој процес, се поттикнува со ваквите одлуки, со ваквите постапки, еве, конкретно со постапката на Уставниот суд“, вели Ристески.

Уставните судии вчера со мнозинство гласови одлучија дека ќе поведат постапка за иницијативата на адвокатот Ристо Китески за оценување на измените на законот за помилување донесени пред седум години. Конечната одлука ќе треба да се донесе за не повеќе од еден месец. Ако и за неа гласаат мнозинството судии на претседателот ќе му се дозволи да амнестира и за изборна кражба, педофилија и трговија со дрога.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG