Достапни линкови

Иванов – Гнасно однесување на поединци


Претседателот Ѓорге Иванов

Претседателот Ѓорге Иванов

Конечно треба да се стави крај на политичката криза, за да имаме влада со целосен политички легитимитет и институции кои ќе можат да се справат со безбедносните предизвици кои ја очекуваат Република Македонија, порача претседателот Ѓорге Иванов, запрашан за став околу политичката криза и вчерашниот договор кој го постигнаа лидерите на политичките партии.

Претседателот Иванов, одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Кратово, изрази незадоволство од, како што рече, неодговорното однесување на поединци и политички партии кои само ја усложнуваат состојбата, како и од нивното отсуство на чувство за државност во моменти кога како држава, регион, па и Европа, се соочуваме со бегалска и мигрантска криза.

„Се соочуваме со бегалска и мигрантска криза која носи безбедносни ризици и недозволиво е такво однесување на тие што се нафатиле да бидат во политика. Политиката бара и одговорно однесување на секој поединец и на секој што е вклучен во носењето одлуки од интерес за сите граѓани“, изјави македонскиот претседател и додаде дека граѓаните не можат да бидат заложници на нечии фрустрации и на деструктивно однесување.

Македонскиот претседател предупреди дека не очекува уште поголем бран на бегалци и дека е неопходно институциите да се посветат на справување со безбедносните предизвици и да нудат решенија, а не дополнително да ги комплицираат состојбите.

„Нашите институции, наместо да се преокупирани со тие безбедносни ризици и прашања, ние се трошиме во меѓусебни расправии, деструктивно однесување и дури, дозволете ми да кажам, гнасно однесување на поединци кои го злоупотребуваат она што им го дале граѓаните и ги избрале на функции“, изјави претседателот Иванов, но не кажа конкретно на кого мисли.

Иванов порача дека политичката криза во државата негативно влијае, не само на граѓаните и на меѓучовечките односи, туку и на стопанството и на бизнис климата.

XS
SM
MD
LG