Достапни линкови

За избори датум, за медиумите недоречено


Медиумските слободи се уништуваат со години и е тешко да се поверува дека ситуацијата може да се поправи за само неколку месеци, велат експертите.

Откако беше донесена одлуката за одложување на предвремените парламентарни избори за 5 јуни, она што остана како обврска на политичките партии согласно Договорот од Пржино се и реформите во медиумите. Но, има сè помалку време, а експертите не веруваат оти ќе се случат промени во медиумите.

Времето е многу кратко и јас сум голем песимист дека нешто во овој дел може да се смени за толку кратко време и сметам дека реално нема да се случува ништо битно во медиумскиот систем во државата.

Професорот по новинарство на Универзитетот на ЈИЕ Сефер Тахири, кој е и долгогодишен новинар и учесник во бројни истражувања, вели дека иако медиумите се едни од клучните за создавање на вистински предуслови за фер и демократски избори, нема волја од политичките партии, првенствено од ВМРО-ДПМНЕ, тие да се регулираат, а според него и меѓународната заедница требало повеќе да инсистира за решавање на тоа прашање. Тој истакнува дека власта и во иднина ќе се обидува да ги искористува медиумите за пропаганда и за артикулирање на политичките интереси и покрај евентуалните законски промени.

„Времето е многу кратко и јас сум голем песимист дека нешто во овој дел може да се смени за толку кратко време и сметам дека реално нема да се случува ништо битно во медиумскиот систем во државата. Тој може да претрпи козметички промени и реформи, но во суштина останува медиумите да бидат во функција на политичките партии, а не на јавноста“, вели Тахири.

Според Тахири, за да се дојде до оваа ситуација во медиумите биле потребни десет години и за таа да се санира ќе бидат најверојатно потребни уште толку. Според него, приватните медиуми може да бидат наклонети кон одредена политичка партија, но тоа не значи дека треба да лажат, да манипулираат и да не обезбедуваат простор за другите.

„Ова што го прават нашите медиуми во суштина е на некој начин голема девијација на суштината на природата и на функцијата на медиумите во современите демократски општества“, вели тој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски синоќа меѓу другото изјави дека нема да има поставувања на нови услови за одржување на изборите, вклучувајќи го и законот за медиумите. По неговото обраќање амбасадорот на САД, Џес Бејли рече дека реформите во медиумите и слободата на медиумите остануваат многу важен дел, не само за време на изборниот процес, туку се дел и од Итните реформски приоритети. Според него, проценката за нив ќе биде според тоа како сите медиуми ќе ги покриваат изборите, бидејќи сите се обврзале на Етичкиот кодекс и на крајот, како што нагласи Бејли, најважно ќе биде како самите новинари ќе ја извршуваат нивната работа и ќе му помогнат на македонскиот граѓанин да биде информиран и да ја согледа целосната различност на гледиштата.

Европратеникот Ричард Ховит на Твитер напиша: „Имајте ја предвид изјавата на ЕУ и САД дека 'медиумските реформи уште се дел од изборниот процес' и 'потребна е напорна работа за изборите да бидат кредибилни'“. Еврокомесарот Јоханес Хан, пак, се надоврза дека Договорот од Пржино е жив и сите партии мора да се вклучат за да се подготват кредибилни избори и да се спроведат приоритетните реформи, вклучително и во медиумите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG