Достапни линкови

Смирена состојбата на Табановце со заглавените Сиријци


Состојбата со заглавените 130 сириски државјани во нивите меѓу Македонија и Србија, рано изутрината е мирна, информираат волонтерите кои се на терен во Табановце. Поради дождот, мажите кои што беа оставени да ја поминат ноќта под ведро небо, беа прифатени во шаторите во кампот, каде што полицијата претходно ги смести жените и децата. Волонтерите велат дека сега во меѓузоната нема повеќе бегалци. Од таму велат дека не знаат што ќе се случува со нив поради проблемите со документите заради кои беа вратени во земјава.

Претходно доцна синоќа, претставникот на УНХЦР во Скопје, Мохамед Ариф, за Радио Слободна Европа изјави дека според информациите кои ги добил на терен синоќа, станува збор за бегалци кои ја преминале македонско–српската граница со стари формулари и потоа биле депортирани во Македонија каде што добиле нов документ. Откако групата од стотина луѓе повторно ја минале границата, српската полиција ги вратила назад, но македонската полиција не им дозволува да се вратат во прифатниот центар во Табановце. Српската полиција од нив барала документи кои се заверени во Грција, затоа што без нив нема да може да преминат во Хрватска и затоа ги враќа назад на Табановце, а такви во Македонија не можат да добијат.

Во меѓувреме со денови во Табановце се заглавени и 700 Авганистанци кои што ги депортираше Србија затоа што иако биле по потекло од Авганистан, во послендите неколку години живееле во друга земја со што нивните животи не се смета дека биле воено загрозени. Додека не се реши и овој проблем, на Авганистанците не им е дозволено да транзитираат низ Македонија и тие се задржуваат во Идомени.

XS
SM
MD
LG