Достапни линкови

АИ - Корумпираност на македонската влада


Објавувањето на аудио снимките, не само што откри докази за корупција на владата, туку покажа дека постои широко распространет таен надзор. Ова за Македонија се наведува во годишниот извештај на Амнести интернејшнел за состојбата со човековите права во светот. Според АИ, човековите права се во глобална опасност.

Во делот за Македонија во извештајот за минатата година се вели дека по објавувањето на аудио снимките на разговори меѓу министри, членови на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, следеше политичка криза во Македонија.

Снимките, објавени од лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев, открија корупција во владата, злоупотреби на функциите, изборни измами и недостиг на почитување на човековите права, како и мешање во независноста на судството.

Заев беше обвинет, заедно со други, за кривични дела, вклучувајќи шпионажа, а владата тврди дека снимките се измислени од странски разузнавачки служби.

Самиот системот за заштита на човековите права е под закана и има потреба од заштита. Системот кој внимателно е граден над седумдесет години сега треба да биде заштитен.

Што се однесува до слободата за изразување, Амнести интернејшнал ја посочува проценката дека над две илјади новинари биле под надзор на владата.

Објавените снимки покажале индиректно финансирање на провладините медиуми, како и политичко влијание врз изборот на новинари и содржината на вестите. Нападите врз независните новинари продолжиле.

Амнести интернејшнал потсетува дека на 9 мај специјални полициски единици започнале вооружена операција во Куманово со, како што се наведува, наводна цел да се спречат напади врз државни и цивилни цели.

Притоа загинале 14 етнички Албанци и осум полицајци, додека триесет лица, вклучувајќи и поранешни членови на Ослободителната војска на Косово, беа уапсени. Некои наводно биле тепани во притвор. Министерството за внатрешни работи, како што се додава, ги игнорираше повиците за независна истрага.

Амнести наведува и тоа дека низ Македонија лани поминале најмалку 600 илјади мигранти и бегалци и оти имало случаи на нивно малтретирање од граничната полиција и дека тие биле изложени на напади од страна на вооружени банди.

Исто така се наведува дека над 10 илјади македонски државјани, главно Роми, бегајќи од дискриминација и сиромаштија, аплицирале за азил во земјите на ЕУ, но оти мал дел од нив мал дел од нив успеале во тоа.

Што се однесува до правата на ЛГБТИ заедницата, се потсетува дека во текот на Неделата на гордоста во јуни, активисти протестираа против неуспехот на властите да ги истражат нападите врз припадници и простории на оваа заедница.

Во јануари, Парламентот гласаше за измена на Уставот за да се дефинира бракот како исклучива заедница меѓу маж и жена.

Годишниот извештај на Амнести интернејшнал се однесува на 160 земји во светот при што било документарно дека повеќето влади ги прекршиле меѓународните права. Констатирано е дека во над 122 држави биле измачувани или малтретиран луѓе.

„Самиот системот за заштита на човековите права е под закана и има потреба од заштита. Системот кој внимателно е граден над седумдесет години, сега треба да биде заштитен“, рече генералниот секретар на организацијата Салил Шети.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG