Достапни линкови

Стотина Сиријци заглавени во нивите меѓу Македонија и Србија


Околу 120 Сиријци и Ирачани вечерва се заглавени меѓу македонската и српска полиција на преминот Табановце, а меѓу нив има и жени и деца, изјави вечерва за Радио Слободна Европа претставникот на УНХЦР во Скопје, Мохамед Ариф. Тој објаснува дека полицијата го уверила дека ќе им дозволи на жените и децата да влезат во Прифатниот центар Табановце, но мажите ќе останат под отворено небо цела ноќ.

Според информациите на УНХЦР, станува збор за бегалци кои ја преминале македонско–српската граница со стари формулари и потоа биле депортирани во Македонија каде што добиле нов документ. Откако групата од стотина луѓе повторно ја минале границата, српската полиција ги вратила назад, но македонската полиција не им дозволува да се вратат во Прифатниот центар во Табановце.

Српската полиција од нив бара документи кои се заверени во Грција, затоа што без нив нема да може да преминат во Хрватска и затоа ги враќа назад на Табановце, а такви во Македонија не можат да добијат, објаснува Ариф.

„Ситуацијата е лоша, со ова ќе се создаде дополнителен притисок тука, а овие луѓе веќе страдале многу денови за да стигнат до тука и нивното страдање ќе се зголеми, сè повеќе и повеќе. Мислиме дека ова не е вистинското решение и вистинскиот начин на решавање на проблемите, затоа што се ставаат бегалците во полоша состојба од таа во која се наоѓаат, а тука времето е многу студено, има деца и жени таму. Слушнавме дека ќе бидат прифатени во Табановце, но сè уште чекаме тоа да се случи“, вели Ариф за Радио Слободна Европа.

Тие сега се заглавени во поле на ничија земја. Волонтерите кои се на терен велат дека атмосферата е напната, но мирна. Тие се загрижени како ќе се одбиваат настаните кога со воз во раните утрински часови ќе пристигнат нови бегалци кои добиле документи во Гевгелија и кои ќе сакаат да го продолжат својот пат преку Србија во западноевропските земји.

Ариф очекува дека новите бегалци кои ќе дојдат од Гевгелија без проблем ќе го продолжат својот пат кон Србија.

Во меѓувреме, во Прифатниот центар во Табановце веќе четири дена се заглавени над 700 бегалци, од кои повеќето се од Авганистан. Тие чекаат одлука од европските земји дали ќе им биде дозволено да го продолжат својот пат.

XS
SM
MD
LG