Достапни линкови

Иницијатива на ДУИ за да не се распушти Собранието


Пратеничката група на ДУИ покрена иницијатива во врска со одлуката за распуштање на Парламентот, која е проследена со барање за итна седница на Собранието. На иницијативата досега се потпишани 26 пратеници од ДУИ и ДПА, вклучувајќи ги и лидерите на овие партии Али Ахмети и Мендух Тачи. Иницијативата официјално ќе биде доставена до Парламентот доколку политичките партии за време на денешните разговори постигнат договор во врска со одложување на распуштањето на Собранието и евентуално нов датум за избори.

Според информациите од ДУИ, иницијативата содржи неколку можни опции, односно решенија во врска со одлуката за распуштање на Парламентот. Од партијата на средбата со новинарите не сакаа да откријат за какви опции станува збор, посочувајќи дека во тек се разговори, главно меѓу трите политички партии - ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Од таму наведуваат дека разговори имало и денеска претпладне, во текот на целата измината ноќ и вчера.

Од пратеничката група на ДУИ велат дека иницијативата ќе биде во согласност со препораките на меѓународната заедница од пред два дена.

За да се изгласа иницијативата за отповикување на одлуката за распуштање на Собранието потребни се 62 гласа.

Пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз исто така има иницијатива за отповикување на одлуката за распуштање на Парламентот, со две варијанти, од кои едната го содржи 5 јуни како датум за избори, а другата е без конкретен датум.

XS
SM
MD
LG