Достапни линкови

logo-print

Кој ќе одговара за смртта на родилката во Прилеп?


Смртта на младата родилка во Прилеп ја разбранува јавноста, а предизвика и политички турбуленции. Граѓанскиот сектор ќе го мониторира случајот и ќе бара одговорност. Роднините бараат оставка од министерот за здравство, а партиите се препукуваат.

Основното Јавно Обвинителство од Прилеп го очекува обдукцискиот протокол, којшто треба да ги открие причините за смртта на младата родилка во прилепската болница. Оваа трагедија, во која животот го загуби 21-годишна жена, по раѓањето живо и здраво машко бебе, а која била мајка на уште едно тригодишно девојче, ја разбранува прилепската јавност и граѓанскиот сектор.

Господинот министер ни ги донесе сите доктори, налбати, со бугарски документи, за пари што завршија, секој пациент што дошол кај нас во Прилеп, го носиме во Скопје, во последните пет минути, пред умирачка.

„Нашето Здружение ќе го мониторира и овој случај преку јавно достапните информации и постапките на институциите, со оглед на тоа што проблемот е системски и во континуитет се повторува веќе шеста година. „Грешката“ се случува и ќе се случува со оглед на тоа што здравствениот систем ни нуди здравствена заштита и услови каде смртните случаи настануваат од непознати причини и околности“, реагира Несиме Салиоска, од невладината РОМА С.О.С.

Реакциите на семејството не стивнуваат.

„Господинот министер ни ги донесе сите доктори, налбати, со бугарски документи, за пари што завршија, секој пациент што дошол кај нас во Прилеп, го носиме во Скопје, во последните пет минути пред умирачка“,вели Томислав Ристески, чичкото на родилката.

Смртта на родилката предизвика и политички турбуленции. Социјалдемократите одржаа прес конференција на која оваа трагедија ја припишуваат на актуелните политики во здравството.

„Криминалните политики на Никола Груевски и неспособните кадри на ВМРО-ДПМНЕ, го уништија здравството и ја претворија прилепската болница,во институција на стравот и ужасот. Очекуваме јавноста веднаш да биде информирана за причините, поради коишто згасна уште еден млад човечки живот“, побара првиот прилепски социјалдемократ Сашо Велески.

На овие и бројни други обвинувања на Велески за состојбата во болницата, посочени проблеми со недостиг на лекови и кадар, директорот Петар Ристески се огласи со соопштение.

„Жално е оваа трагедија да се злоупотребува во дневно-политички цели, дотолку повеќе што постапката за утврдување на причината за смртта на родилката е во тек“, смета Ристески.

А, сите други обвинувања на опозицијата за Ристески се тенденциозни и неточни, особено затоа што, како што потенцира, во тек се проекти за опремување, финансиска и кадровска консолидација на болницата.

Во одбрана на владините политики во здравството застана и општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Во партиското соопштение, опозицијата се повикува на избори на 24 април, каде народот би одлучил дали реализираните проекти на ВМРО-ДПМНЕ се вистински или пак се дело на манипулации и погубни политики.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG