Достапни линкови

Најмногу коментари за тоа дали треба да има избори во април


Повеќето од постовите на Фејсбук се против оценката на меѓународната заедница за изборите. Читателите коментирале и за одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за соработката со Ванхауте, за акцијата „Титаник“ и за тоа дека функцинери добивале државно земјоделско земјиште.

Најновата вест дека ЕУ и САД оценуваат дека нема услови за одржување кредибилни вонредни парламентарни избори на 24 април веднаш наиде на реакции на фановите на нашата Фејсбук страница.

Народот одлучува за избори, а не Заев и СДСМ, а најмалку американскиот амбасадор.
коментар од читател

Ванчо Вранишковски напишал дека некому сигурно не му се бендисува одлуката, а Виктор Пирамида смета дека целта на странците била ситуацијата во земјава уште повеќе да се искомплицира. Па оди со тезата дека на меѓународната заедница не ѝ одговарала стабилна Македонија, најмногу поради бегалската криза и можноста Македонија да почне да поставува услови во врска со евроатлантските интеграции и проблемот со името. Постовите на Фејсбук повеќето се против оценката на меѓународната заедница, па Зоран Николовски напишал дека народот одлучувал за избори, а не Заев и СДСМ, а најмалку американскиот амбасадор.

Одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да ја прекине соработката со белгискиот олеснувач Ванхауте зашто, според партијата, тој го навредувал македонскиот народ исто така „собрала‟ повеќе постови на Фејсбук страницата на РСЕ. Карактеристичен е оној на Лаура Паусини која коментирала: „ВМРО го навредува народот со нивни игри, лаги, манипулации и прави будали од него. Време е да одговараат за сè што имаат сторено и сè што имаат одземено од народот да вратат‟.

А за тоа Кој ќе потоне со „Титаник?‟, прашање што го обработуваат неделниците, на веб-страницата на нашево Радио, Незабеган коментирал: „Се гледа дека ВМРО-ДРПМНЕ тоне секој ден... во живо блато... полека, но сигурно... е, сега, кого ќе повлече, тоа е друго прашање, зашто давеникот за сламка се фаќа...“ Пиле со прилично песимистички коментар дека ′Титаник′ е Република Македонија и неуспехот на Јанева значи неуспех на четворицата политички актери во Договорот од Пржино. А ако се знае дека од бродот годишно веќе бегаат повеќе од 70.000 млади луѓе, а бродот веќе плута на брановите меѓу Исток и Запад... потребна е промена на кормиларот – од ЕУ да премине под диригентската палка на САД‟, смета Пиле. Незадоволен Македонец смета дека и судиите се на платниот список на Владата и прашува „дали има излез од ова блато што го направи Груевски со неговата мафија‟.

Во неделното интервју на РСЕ, дополнителниот заменик министер за земјоделство од СДСМ, Љупчо Николовски, покрај другото вели дека и таткото на градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко добил државно земјиште во Ресен, како и многумина други функционери на владејачката партија и луѓе блиски до власта. Незабеган и тука иронично искоментирал: „Ама, бре, тоа случајно се совпаднало земјиштето со татко му на Темелко!‟ Сашко Роскичев на Фејсбук тврди: „Ехеее, бизнисмени имаат илјадници хектари. Збираат пари за субвенции, а немаат домат посадено... 10 години е така...Никој ли не знаеше досега?‟, прашува Сашко резигнирано.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG