Достапни линкови

Во април не може да има кредибилни избори


Нема услови за избори во април, заклучи меѓународната заедница. Од СДСМ велат дека сега треба да се исполнат сите услови за фер избори. ДУИ е на иста линија со меѓународната заедница, а Груевски не присуствуваше на лидерската средба.

Во оваа фаза нема услови да се организираат избори на 24 април, изјави американскиот амбасадор Џес Бејли пред Владата на Република Македонија, соопштувајќи ја заедничката оценка на САД и на ЕУ. Тој во присуство на претставник на Делегацијата на ЕУ во Македонија рече дека одреден напредок е направен, но дека се уште има отворени прашања.

Се уште не е постигнат договор за медиумските реформи за да се осигура поле за еднаков пристап. Исто така сме загрижени од извештаите за притисоци и закани врз гласачите и други лица. Сето ова е многу загрижувачко.

„Нотираме дека резултатите од работата на ДИК во однос на проверката на избирачкиот список во оваа фаза не се доволни за да се одржат кредибилни избори на 24 април, иако одреден напредок е направен. Исто така се уште не е постигнат договор за медиумските реформи за да се осигура поле за еднаков пристап. Исто така сме загрижени од извештаите за притисоци и закани врз гласачите и други лица. Сето ова е многу загрижувачко “, се наведува во заедничкото соопштение на ЕУ и САД.

Бејли рече дека како можен датум за избори се споменува 5 јуни, но дека се очекува политичките лидери да работат за да се обезбедат услови кои ќе овозможат кредибилни избори на најрано можниот датум со целосно почитување на обврските и подготовките за тоа на ДИК.

Амбасадорот Бејли вели дека меѓународната заедница ги охрабрува сите политички лидери и институциите да останат целосно посветени на спроведување на Договорот од Пржино. Тој рече дека политичките лидери имаат обврска да ја вратат земјата на евроатланскиот пат.

Објавувањето на оценката се одложуваше неколку пати, а предизвика и вонредна лидерска средба на која не присуствува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. На преговарачката маса седнаа лидерите не СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи, под менторство на Бејли и претставник на Делегацијата на ЕУ во Скопје. По четири часа разговори лидерите се разотидоа, а изјава даде само претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

ДУИ на иста линија со меѓународната заедница

Ахмети рече дека неговата партија е на иста линија со меѓународната заедница и оти партиите не смеат да дозволат Договорот од Пржино да пропадне.

„Сега веќе сме ставени во незавидна ситуација при што нема согласност од сите домашни страни да се почитува Изборниот законик, кој што сме го гласале во Собранието во Република Македонија заеднички со 108 гласа со што го одредивме и датум 24. април. Притоа сите анализи се направени, сите контакти и со домашните политички партии и со меѓународната заедница, но има простор да се разговара и преговара во врска со тие неисполнети прашања во Државната изборна комисија, рече Ахмети.

ДУИ нема да влезе во конфронтација со меѓународната заедница, рече Ахмети одговарајќи напрашање дали изборите треба да се одложат или не.

СДСМ – меѓународната заедница го потврди нашиот став

По оценката на САД и ЕУ за изборите, реагираа од СДСМ. Во партиското соопштение се наведува дека меѓународната заедница денеска го потврдила она што СДСМ го говори цело време, дека на на 24 април нема услови за слободни, фер и демократски избори.

„Уште еднаш се покажа, ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски се единствените коишто од самиот почеток го кочеа процесот на имплементација на Договорот од Пржино. Граѓаните сега со право очекуваат да се исполнат сите услови за фер и демократски избори преку навремено прочистување на Избирачкиот список и преку навремена регулација на медиумите. Правото на слободни избори и демократски изразеното право на глас на секој граѓанин во Република Македонија мора да биде обезбедено и гарантирано“, се наведува во соопштението на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ ја прекина соработката со Ванхауте

Претходно ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека донеле одлука да се престане со соработката со посредникот Питер Ванхауте, се наведува во партиското соопштение. Во него се наведува дека одлуката се базира на неговите навреди кон ВМРО-ДПМНЕ и претставниците на партијата кои учествуваа во преговорите, како и континуираните омаловажувања кон народот и Република Македонија.

Од партијата наведуваат дека заради овие причини, ВМРО-ДПМНЕ веќе нема да учествува на состаноци на кои што ќе присуствува и Питер Ванхауте.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG