Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ: Нема аргументи за одложување на изборите


Нема ниту еден серизен и кредибилен аргумент поврзан со роковите и обврските како и капацитетите на ДИК кои зборуваат дека не се подготвени за избори на 24 април, изјави денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски на прес конференција. Тој посочи дека партијата и натаму останува на утврдениот датум за избори на 24 април.

„Остана да се испочитува уште крунскиот услов на договорот од јуни/јули, а тоа е одржување на предвремените парламентарни избори за кои потпишавме и гласавме во Собрание да се одржат на 24 април 2016 година,“ вели Димовски.

Димовски ја повика Државната изборна комисија, до крајот на денов, да одржи јавна седница или работен состанок на кој би присуствувале по најмалку два члена од четирите големи политички партии, кои со својот потпис застанаа зад договорот од јуни и јули минатта година. Тој бара средбата да се одвива во живо пред камери и во неа да бидат вклучени заинтересираните меѓународни претставници кои го следат изборниот процес во Македонија.

„Би дискутирале околу сите ингеренции, законски обврски и можности кои ги има ДИК, нејзините потреби и можноста се да биде поставено на свое место за да нема дилеми околу изборите кои треба да се одржат на 24 април 2016 година,“ рече Димовски.

Димовски изјави дека според информациите кои стигнале до нив од Државната изборна комисија и странските експерти кои работат таму, вкрстувањето на податоците, во најлош случај,како што вели, со мрзлива и неодговорна работа може да се заврши за максимум 14 дена.

Очигледно ние сме единствена држава во Европа во која опозицијата бега, плаче и моли да не се одржат избори, рече Димовски.

XS
SM
MD
LG