Достапни линкови

logo-print

Влада, има ли пилот во авионот?!


Давид Стефаноски, апсолвент на институтот за безбедност, одбрана и мир и член на Младинска Организација Мугра.

Давид Стефаноски, апсолвент на институтот за безбедност, одбрана и мир и член на Младинска Организација Мугра.

Кога ниту врховниот командант не сака или не може да се произнесе околу нов универзитет чиј кадар делумно ќе му биде делумно потчинет нему, мора да си го поставиме прашањето – ало, Влада, има ли пилот во авионот?!, пишува Давид Стефаноски од Мугра во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Минативе денови во јавноста одекна веста дека Владата на Републиката планира да основа уште еден нов универзитет, кој за разлика од претходниот овој месец, има намена. Имено, новиот универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев” треба да служи како заедница на сите образовни институции од областите на безбедноста, одбраната и мирот.

Непосредно по објавувањето на оваа вест беше одржана и јавна дебата за новите универзитети, но ниедна од препораките кои произлегоа од неа не беа ниту разгледани, а уште помалку прифатени. Сепак, создавањето на овој целосно нов универзитет предизвикува низа проблеми од различни природи и покренува многу прашања. Пред да бидеме во можност да одговориме на нив, мораме да имаме преглед на основите на кои се поставува новиот универзитет и кои се неговите предложени карактеристики. Бидејќи ниту во јавноста, ниту во Собранието (како што беше образложено во јавната дебата) нема претставено никаква анализа за потребата и начинот на функционирање од него, мора да си поставиме многу прашања околу оваа нова институција.

„Дамјан Груев” би бил универзитет кој што е во директна врска со две различни министерства – Министерството за одбрана и Министерството за образование, наука и спорт. Имено, Воената академија, како цела постоечка институција со целиот кадар, опрема и капацитети ќе премине во новиот универзитет и ќе го смени името во „Воена академија за копнена војска”. Но, веднаш после тоа почнуваат проблемите. Воздухопловната академија која треба да се формира би користела капацитети, материјали и опрема од Центарот за обука на пилоти. Проблемот е што центарот како проект е јавно-приватно партнерство меѓу Министерството за одбрана и израелскиот гигант Elbit, каде министерството учествува со персонал, простор и земјиште за објектите, отстапување на тренажните Злин 242Л авиони и плаќање на договорни обврски, а додека Elbit учествува со сè друго – вклучувајќи ги и симулаторите и купените (од нивна страна) четири хеликоптери. Целата опрема и капацитети на Elbit вклучени во партнерството со министерството треба да стане сопственост на државата во 2019 година – дотогаш, ниту Министерството за одбрана, ниту за образование, наука и спорт не можат да ја користат опремата која не е во нивна сопственост според договорот потпишан во мај, 2011 година. Така, оваа нова институција уште во формирање би останала без простории (13.000 метри квадратни во касарната „Страшо Пинџур” и во склоп на Центарот за обука на пилоти) без опрема и персонал. Доколку пак, се реши да се бара опрема од други места – нема од каде! МВР и АРМ заедно летаат десетина хеликоптери кои тешко би можеле да бидат отстапени на новата Воздухопловна академија заради потреби од истите во матичните министерства.

Понатаму, мистерија е и новиот факултет за безбедност – зошто е потребен кога има огромна хиперпродукција на кадри од постоечкиот факултет за безбедност во Идризово? За чии потреби се создава нов факултет од ист тип, кога потребите за персонал на министерството за внатрешни работи се целосно задоволени преку повеќето конкурси од минатите неколку години? Дали и овие нови криминалисти и детективи ќе излегуваат на протести како досегашните невработени кадри од веќе постоечкиот факултет? Зошто во време на криза и огромно задолжување се воведува ваква целосно непотребна мерка која ги дуплира и наставните програми и образовниот кадар, со што се трошат двојно повеќе пари од буџетот?Мистерии се и новите институти за мировни студии и кризен менаџмент како и оној за командни и штабни функции и лидерство. Кризен менаџмент и мировните студии веќе се обработуваат на Институтот за безбедност, одбрана и мир при филозофскиот факултет на УКИМ, институција со традиција стара повеќе од 45 години, додека пак тематиката на командни и штабни функции се изучува на втор циклус на студии на Воената академија. Така, за создавање на овие два институти се земени мали делови од веќе постоечки институции и проширени за да создадат свои целини. Вреди да се напомене дека со огромната хиперпродукција на кадри (на Институтот за безбедност, одбрана и мир годишно се запишуваат 180 студенти) ниту сега, ниту во наредната деценија нема да има слободно работно место по струка за дипломирани студенти во институциите ако сите дипломирани се вработуваа на она работно место за кое студирале. Новиот Институт за информатички технологии и сајбер безбедност пак, повлекува други прашања – дали Македонија има кадри да предаваат на овој институт, и доколку по некоја случајност има, со каков квалитет се тие, кога ќе се земе во предвид дека досега ваква институција кај нас воопшто немало. Со оглед на тоа што во законот за новиот универзитет е нагласено дека професорите можат да бидат и без докторат, квалитетот на целата институција е ставен под знак прашалник.

Правниот факултет, пак, како 24-ти правен факултет во државата е тотална енигма. Зошто на толкав број правни факултети се отвора уште еден, државен факултет? Уште поважно, зошто се отвора и нов медицински факултет и во која болница ќе се одвиваат предавањата за истиот е мистерија. Дали новите кадри од овој факултет ќе протестираат исто како и нивните колеги специјализанти од УКИМ кои заради недостатокот од работни места, работат без плата во болниците? Можеби е вистина она што проструи низ социјалните мрежи дека овие факултети ќе служат за вдомување на „контрапрофесорите” кои застанаа против студентите минатата година, а можеби има некоја тајна логика која ние не ја гледаме.

Министерството за одбрана како спонзор на новиот универзитет не може да издржи нов товар. Буџетот на АРМ е во континуиран пад веќе десетина години, и моментално стои на 1,2 проценти од БДП – 91 милион евра за 2015 година, додека НАТО стандардот со кој толку сакаме да се гордееме е 2 отсто од БДП. Понатаму, АРМ минативе неколку години вработува од 200 до 300 лица годишно преку разни конкурси, но заради новиот Закон за професионални војници кои ќе се повлечат од активна служба во АРМ после 38 годишна возраст, борбените ефективи на државата паѓаат (АРМ не е пополнета ниту со предвидените 8.000 војници), и бројноста на Армијата станува сè помала. Заради корупцијата и партиските вработувања пак, на конкурсите има сè помал интерес, па и тие се загрозени. На министерството за одбрана му е потребна ревитализација, бидејќи АРМ како главен амбасадор во светот нема пари ниту за нови чизми за припадниците, ниту за едно обично варосување на касарните и се соочува со проблеми на најниско ниво. Средствата за кадри за дубиозните потреби на МОРМ во универзитетот би доаѓале од буџетот на министерството, кое и онака е на стаклени нозе, а платите на вработените во институциите би оделе според стандардот на АРМ. Други чудни одлуки се оние каде министерот ја пропишува униформата и назначува професори како најмудар професионалец на овие теми во државата. Се поставува клучно прашање – зошто на пропаднато министерство му се дава нов универзитет?

Ако ги разгледаме пак институциите кои би се пополнувале со кадрите од новиот универзитет, ќе видиме дека воопшто нема услови за нивно вработување. Агенцијата за разузнавање, управата за безбедност и контраразузнавање и секторот за воено разузнавање се пополнуваат преку внатрешни конкурси во АРМ и МВР. Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување се веќе обезбедени со кадри од Институтот за безбедност, одбрана и мир во цивилниот дел. Колку е компатибилен нашиот одбранбен систем за организирана продукција на кадри со новата легислатива каде се укинува системот на цивилна одбрана е исто така под знак прашалник. Нејасно е и дали професорите кои со години работеле на програми на УКИМ ќе треба да дадат откази поради недостатокот на кадар и да одат да работат на новиот, никаде рангиран универзитет.

Со сите овие факти земени во предвид, и со фактот дека со дуплирање на наставните програми старите институции со долга традиција (за кои очигледно нема политичка волја) нема да се реакредитираат, кога ниту статусот на студентите кои дипломираат на институтот за безбедност, одбрана и мир на УКИМ не е решен, и кога ниту врховниот командант не сака или не може да се произнесе околу нов универзитет чиј кадар делумно ќе му биде делумно потчинет нему, мора да си го поставиме прашањето – ало, Влада, има ли пилот во авионот?!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG