Достапни линкови

Совет на Европа - народот слободно да си избере претставници


Членовите на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, Валериј Гилечи - пратеник од Молдавија и Лиза Кристоферсен - пратеничка од Норвешка.

Членовите на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, Валериј Гилечи - пратеник од Молдавија и Лиза Кристоферсен - пратеничка од Норвешка.

Сите страни остануваат посветени на спроведувањето на Договорот од Пржино, иако околу некои прашања беше забележано извесно доцнење, порачаа членови на Парламентарното Собрание на Советот на Европа кои се во посета на Македонија. Посочуваат дека народот има право на слободни и фер избори, под услов да има вистински избор на политички опции.

Изборите во Република Македонија треба да бидат фер, праведни и соодветни за народот да може го направи својот слободен избор за тоа кој ќе го претставува. Ваков повик кон претставниците на четирите најголеми политички партии, упатија членовите на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, Лиза Кристоферсен - пратеничка од Норвешка и Валериј Гилечи - пратеник од Молдавија. Тие цела недела се во посета на земјава и се фокусирани кон справувањето со политичката криза.

„Сега ги поттикнуваме сите страни целосно да го спроведат Договорот од Пржино. Нашите дискусии покажаа дека сите страни остануваат посветени на спроведувањето на овој договор, иако околу некои прашања беше забележано извесно доцнење. Несомнено е дека Договорот од Пржино содржи важни чекори за подобрување на изборната рамка и за продолжување на реформскиот процес“, истакна Кристоферсен.

Таа посочи дека проширените надлежности на Државната изборна комисија и надградбата на избирачкиот законик се од клучна важност и оти оставката на премиерот и воспоставувањето на техничка влада треба да го поплочат патот кон организирањето на предвремени избори.

„Создавањето на Специјалното јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, исто така се смета за важен потег и треба да се поздрави. Ние сега очекуваме Специјалната обвинителка да спроведе правични и темелни истраги, ослободени од политичко и било какво влијание, а судството да го доврши овој процес до крај“, вели Кристоферсен.

Пратеникот од Молдавија, Валериј Гилечи упати потсетување до сите политички партии дека тие се обврзале по денот на изборите да се осврнат на системските проблеми коишто ги разоткри оваа политичка криза и да ги спроведат итните реформи коишто се идентификувани од страна на Европската комисија.

„Би ги споменал тука прашањата како што се независноста на судството, борбата против корупцијата или слободата на медиумите. Оттука ги каниме властите да се стават на располагање за да ги поддржат и да ги покренат овие реформски мерки.“

Тој потсети дека организацијата на предвремените избори е договорена од страна на сите политички сили и апелираше до нив да не ја пропуштат можноста да ги продолжат преговорите и да постигнат компромис за организирање на суштински и содржински избори.

„Како што беше потцртано во Договорот, ова треба се постигне во интерес на народот кој што има право на слободни и фер избори, под услов да има вистински избор на политички опции коишто може да бидат застапени во Парламентот“, вели Гилечи.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG