Достапни линкови

На чекор до договор за медиумите


Три од четири пакети во преговорите за медиумите се решени тврдат извори од ВМРО-ДПМНЕ. Аналитичарите пак велат дека и да падне договор, тоа не значи дека сè ќе се смени утре.

Евро амбасадорот Аиво Орав кажа дека утре ЕУ и САД ќе ја претстават нивната проценка дали се исполнети условите за одржување кредибилни избори. На последниот ден кога треба да се договорат прашањата предвидени од Договорот од Пржино се засилуваат напорите да се постигне политички договор за медиумите.

Амбасадорите на САД и ЕУ Џес Бејли и Аиво Орав во посета на Државната изборна комисија (ДИК).

Амбасадорите на САД и ЕУ Џес Бејли и Аиво Орав во посета на Државната изборна комисија (ДИК).

Три од четири пакети во преговорите за медиумите се решени тврдат извори од ВМРО-ДПМНЕ. Претставниците на четирите политички партии потписници на Договорот од Пржино денеска попладне повторно се на заедничка маса во обид да се договорат за регулација на медиумската сфера, откако ноќта претходно завршија со мал напредок, но без договор. Посредникот Питер Ванхауте на Твитер напиша дека е можен компромис, но дека љубовта не доаѓа од една страна што имплицира дека партиите се уште не ги усогласиле ставовите.

ЗНМ и Синдикатот на новинари се категорични дека не е прифатливо на преговарачката маса да биде владиното рекламирање. Експертите нагласуваат дека регулацијата на медиумите и балансираното известување се многу битни. Но аналитичарот Алберт Мусли вели дека во оваа етапа и да се постигне договор, во иднина повторно чувствително прашање ќе остане имплементацијата на законите што ќе иницираат промени во дел од институциите што ја регулираат медиумската сфера.

„Ние сме сведоци на тоа колку тие им помагаат на политичките партии или да го мултиплицираат ефектот на нешто што го направиле, или да го покријат тоа што не го направиле. Тоа до екстремност отиде. Затоа имаме константно пад на слободата на медиумите. Така што кај нас и да се договорат денеска, тоа не значи дека сè ќе се смени утре. Збориме за подолг процес на земање на медиумите под своја капа или под своја контрола и тоа за да се демонтира сепак ќе трае малку подолго“, вели Муслиу.

Една од клучните институции кои се повикани да кажат дали се исполнети условите да има избори на 24 април, покрај медиумските здруженија, е ДИК . Амбасадорите Бејли и Орав вчера беа таму, но не добија информации дека прочистувањето на избирачкиот список може да заврши во предвидениот рок. Вкрстената проверка на податоците се најавува дека треба да почне деновиве, бидејќи се уште се прочистуваат и усогласуваат базите, а по ова треба да почне да се спроведува теренска проверка најдоцна до почетокот на март.

Ако изборите се на 24 април списокот треба да биде ставен на увид на 5 март односно дотогаш треба да заврши вкрстеното спроведување податоци, теренската проверка на спорните и бришењето на оние за кои е утврдено дека не треба да бидат на списокот.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG