Достапни линкови

Самит за иднината на Британија во ЕУ


Дводневниот состанок на лидерите на Европската унија во Брисел, освен за недоразбирањата околу справувањето со бегалскиот бран во Европа, е посветен и на распишувањето референдум во Британија за нејзиното останување или не во Унијата. Во таа земја се разгоруваат кампањите и за двете можности.

Самитот во Брисел е кулминација на неколку неделното преговарање околу реформите содржани во предлогот што овој месец му беше предаден на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск за да се спречи евентуално напуштање на клучната членка на Европската унија.

Овој предлог за реформи во Унијата со што ќе им се дозволи повеќе моќ на земјите членки претставува своевиден контра потег на британскиот премиер Дејвид Камерон против домашните евро скептици.

Од минатиот септември оние што се за останување на Британија во Унијата постојано водат пред оние кои се за заминување. Но, односот од 55 спрема 51 насто во корист на првите постојано се намалува.

Еден од контроверзните предлози е слободното движење во рамките на Унијата што поттикна стотици илјади граѓани од источно европските земји да дојдат во Британија.

Бројките покажуваат дека секоја година во таа земја влегуваат по 500 илјади луѓе и покрај тоа што британските власти ги заострија условите за прием.

Британија е единствената земја во ЕУ која не е во Шенген или во евро зоната, односно таа и натаму ја има контролата и врз нејзините граници и врз нејзината валута.

„Имиграцијата е вториот централен двигател на евроскептицизмот во Британија и некои луѓе сметаат дека нивото на имиграцијата е премногу високо. Според нив, тоа негативно влијае врз економијата и им ги намалува платите на работниците. Имиграцијата се ефектуира и врз кохезијата на британската заедницата и врз националната култура“, вели Томас Рејнс, научен соработник во Чатам хаус.

Оние што се за напуштање на Европската унија имаат забелешки и во врска со намалениот британски суверенитетво однос на Брисел.

„Луѓето не се подготвени одлуките од Лондон и од Вестминстер да бидат пренесени на Брисел. И овој референдум е во врска со преземање на контролата тие одлуки што влијаат врз нашиот секојдневен живот да ги носат луѓето кои ги избираме тука“, вели Роберт Оксли, шеф за медиуми во кампањата против останувањето на Британија во Унијата.

Во меѓувреме, некои веруваат дека останувањето или заминувањето од ЕУ не ништо повеќе од уште еден адут за опстанок на политичарите.

„Дејвид Камерон сака нов договор, бидејќи тој смета дека ова е начинот да ја држи заедно својата партија. Има некои луѓе во Конзервативната партија кои ќе гласаат за напуштање и без оглед на евентуален договор со Унијата.

Но, постојат некои луѓе кои се во средината, или некои луѓе кои сакаат да бидат лојални на премиерот и тие сакаат некакво политичко покритие за тоа. Значи овие преговори се важни за да се обидете да го добиете најдобриот можен договор што му помага на Камерон да ја држи партијата заедно “, вели Рејнс.

Колку за потсетување, Британија е единствената земја во ЕУ која не е во Шенген или во евро зоната, односно таа и натаму ја има контролата и врз нејзините граници и врз нејзината валута.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG