Достапни линкови

„Сеќавање“ на Додевски – самосвоен дијалог со дрвото


„Сеќавање“ е насловена изложбата на резби во дрво од Стоје Додевски, што ќе биде отворена вечерва во Изложбениот салон на Н.У Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Ќе бидат претставени дваесеттина резби работени во последниве неколку години, преку кои „авторот се обидува да го интерпретира своето разбирање на животот и уметноста“.

Стоје Додевски е Кумановец. Слободен уметник. Вљубеник во аматерскиот филм, театарската режија, во аматеризмот воопшто и најважно во последнава декада – посветен резбар. Говорејќи за себе, тој вели дека во копаничарството се нурнал во оној момент кога му додеале луѓето и нивните хирови.

Влегов во копаничарството и не ни очекував дека ќе можам да такво нешто да правам, но се покажа дека сум се излажал. Се зачленив во Здружението на копаничарите на Македонија, луѓето ме примија со раширени раце, две години по ред бев на колонија и така поднаучив доста работи.
Стоје Додевски, копаничар

„Многу години работев со драмски аматеризам. Со режија. Работев со луѓе. И кога наеднаш луѓето ми здосадија, посакав да избегам и тогаш почнав да водам разговор, дијалог со дрвото. Влегов во копаничарството и не ни очекував дека ќе можам да такво нешто да правам, но се покажа дека сум се излажал. Се зачленив во Здружението на копаничарите на Македонија, луѓето ме примија со раширени раце, две години по ред бев на колонија и така поднаучив доста работи“, вели Додевски.

Тој дополнува дека човек за вистински да се бави со копаничарство треба тоа искрено да го сака. Да има огромна желба за работа со дрвото. Нешто да го тера однатре, зашто сè друго, како што ќе рече, е споредно – и материјалот и длетата, и токмакот. Притоа не заборава да напомене дека сите луѓе го сакаат копаничарството, но дека ретко кој од нив може да си дозволи да го плати.

„Една резба чини од 250 до 1000, 2000 евра. Тоа за нив е прескапо. Прескапо е и за мене што ги работам. Така што на овие наши простори тоа, во однос на парите барем, не може да опстане и не може да заживее како што треба. Сум продавал нешто на страна, но знаете, ние овде во Куманово велиме „Најде ќорава кокошка зрно да клукне“. Ете, тоа е тоа“, вели тој.

Ова е негова трета самостојна изложба. Вели дека ја посветил на споменот на својата сопруга која многу ја сакала оваа уметност и од таму насловот на поставката „Сеќавање“. Појаснува дека не станува збор за некој концепт, туку само за претставување на дела настанати во последно време, каде, меѓу другите, се ставил како лик и себе, иако „нималку не личи“.

Од друга страна, пак, кураторот на изложбата, историчарот на уметност Роберт Цветковски, во текстот од каталогот, пишува дека секој обид за рационална формално-содржинска анализа на најновата колекција на дрворезби од авторот Стоје Додевски го водел во интуитивна насока и на понуденото гледал како опсервирање на скици за некоја идна театарска претстава.

„Ликовите, иако стилизирани и на моменти груби, дадени како свети лица или секојдневни индивидуи, зрачат со самодоверба, костимирани, придружени со неопходни атрибути, ставени во сценографско опкружување соодветно на нивната улога, заробени во топлината на дрвото како да чекаат знак за почеток на претставата. А режисерот, декоратерот и копаничарот Додевски во диригентскиот занес со длетото и дрвениот чекан по којзнае кој пат се обидува да го интерпретира своето разбирање на животот и уметноста споделувајќи ја со нас својата визија за настаните и луѓето коишто некогаш биле, денес се и утре ќе бидат. Чекаме знак за почеток на претставата, којашто, впрочем, и никогаш не завршила“, забележува Цветковски.

Во контекст на допирањето на интересите на Додевски, бележито е што тој никогаш не заборавил на својата огромна љубов кон аматерскиот филм и театарот. Напротив, информира дека деновиве ги започнал и подготовките за новата аматерска претстава.

„Имам идеја да направам синтеза од филм, театар и театар на сенки. Сета таа синтеза ќе ја вклопам во една многу убава игра, така што очекувам дека ќе имаме една навистина квалитетна претстава. Премиерата ќе биде за брзо време, а пиесата се вика „Шарена топка“. Станува збор за текст на Игор Торкар, публикуван некаде на почетокот од 1960-те, кога сите писатели пишувале за Втората светска војна и така влегувале во „концепцијата за општонародната одбрана и општествената самозаштита“. Не навлегувам како и зошто е пишуван тој текст, но ќе кажам само дека станува збор за визија на матурантите за војната“, вели тој.

Како и да е, и во својата шеста деценија Додевски е жив пример на немирен дух и трагач по нови уметнички возбуди. Еден од оние кои на животот му се препуштаат со полни гради.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG