Достапни линкови

В петок меѓународната заедница ќе ја даде оценката дали земјата е подготвена за избори на 24 април. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека тогаш избори ќе има, а СДСМ дека не одат на тие избори.

Нема промена во ставовите на политичките партии околу учеството или неучеството на предвремените парламентарни избори закажани за 24 април по изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан дека нивното спроведување зависи од оценката на меѓународните претставници и Државната изборна комисија.

Најпрво ние не знаеме дали нашата проценка ќе биде позитивна или негативна и затоа не можам да коментирам што наредно ќе се случи, но тогаш ќе зависи и од политичките партии како ќе продолжат доколку извештајот биде позитивен или негативен.

Од ВМРО-ДПМНЕ на прашањето што ако земјата не биде подготвена за избори на 24 април, само го повторија ставот дека одлуката за нивно спроведување е веќе донесена согласно Договорот од Пржино и на Законот за избори и дека од партијата не отстапуваат од датумот.

Од СДСМ велат дека нема шанси меѓународните претставници и ДИК да соопштат оти земјата е подготвена за фер и демократски избори на 24 април. Според нив избирачкиот список е далеку од прочистен и таа обврска нема да се заврши до 5 март како што е предвидено, а исто така нема сигнали и за постигнување на договор во преговорите за регулацијата на медиумите. Затоа, како што нагласуваат од СДСМ, остануваат на одлуката дека нема да одат на такви избори.

Професор Никола Дујовски вели дека би било добро политичките партии да ја почитуваат оценката на меѓународните претставници и на ДИК.

„Доколку се случи ВМРО-ДПМНЕ да инсистира на одржување на избори, сигурно дека ќе одат сами односно со нивните коалициони партнери, а СДСМ нема да учествува на такви избори. Ако и ОБСЕ/ОДИХР и ДИК оценат дека нема услови да се организираат изборите ценам дека учеството на такви избори од опозицијата е непотребно. Од друга страна доколку сите ценат дека има услови за фер и демократски избори, а опозицијата не сака да оди на такви избори и бара и понатаму продолжување на преговорите за медиумите и некои други прашања кои што се уште се отворени мислам дека непотребно ќе се продлабочува политичката криза во Македонија.

Евроамбасадорот Аиво Орав денеска во Секретаријатот за европски прашања изјави дека од една страна 24 април стои во Договорот од Пржино, но од друга страна имало многу одложувања во неговото спроведување и дека в петок ќе го презентираат нивниот став за изборите.

„Најпрво ние не знаеме дали нашата проценка ќе биде позитивна или негативна и затоа не можам да коментирам што наредно ќе се случи, но тогаш ќе зависи и од политичките партии како ќе продолжат доколку извештајот биде позитивен или негативен.

Вицепремиерот Фатимир Бесими рече дека прашањето дали има услови за избори е хипотетичко и не би шпекулирал.

„Тоа што треба да се направи е да се испочитува целосно политичкиот договор и Македонија да спроведе фер и демократски избори согласно меѓународните стандарди кои ќе овозможат понатаму земјата да се фокусира на реформите и да се обезбеди евроатланската перспектива и подобри основи за економски проспекти и развој“, вели Бесими.

Дујовски додава дека не е најважно да се запази датумот на изборите.

„Излезот од состојбата во која што се наоѓаме е договор за прво постигнување за сите претходни потребни предуслови за организирање на фер и демократски избори, па дури потоа датум за избори“, вели Дујовски.

Во агендата на еврокомесарот Хан на неговата веб страна се уште нема информации дали тој ќе ја посети Македонија во наредните денови за лично да се увери до каде е процесот за подготовка на изборите. Во меѓувреме белгискиот олеснувач Питер Ванхауте по вчерашните преговори за регулацијата на медиумите на социјалната мрежа Твитер напиша дека ситуацијата е безнадежна, но не е сериозна и оти денеска продолжуваат со работа.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG