Достапни линкови

Кацаров: Ни ден без напишан ред


Македонскиот писател Трајче Кацаров е еден од тројцата добитници на меѓународната награда „Големиот принц“ на Фестивалот „Големи и мали деца“, на Издавачката куќа „Феникс“ и Фондацијата „Македонија презент“. Тој е награден за неговата најнова книга „Скаските на Мето од петто“, мини роман, кој говори за периодот на созревање и дело за кое се вели дека „донесува нешто ново, модерно, урбано и привлечно во македонската литература за деца и млади“.

Трајче Кацаров не милува да ги дели наградите, „на оние кои се добиени за книги за деца и оние за книги за возрасни“. Вели дека наградата си е награда и сама по себе има исто влијание и на авторот и на оние кои се негова публика. Во појаснувањето на оваа своја констатација посега по австрискиот писател и циник Томас Бендхард и неговата творба „Моите награди“, во која овој забележал дека „наградите го подигаат егото или самодовербата на писателот, но од друга страна, ако се земе во предвид добивката, му даваат за право да се чувствува комотен во својата професија“. Од таму Кацаров вели дека кај нас материјалниот дел од наградите е изземен поради тоа што „ние сме во една таква општествена ситуација којашто ја почитува нашата желба или потреба да се биде творец, врз основа на творечките потенцијали, а не на ниво на егзистенција“.

За мене било која награда значи потврда на она дека ти како автор си во полна потенција. Дека се уште има можности за тој креативен чин да биде препознаен. Преку него да бидеш легитимиран оти присутноста на авторот е многу поважна отколку било која друга ситуација.
Трајче Кацаров, писател.

„За мене било која награда значи потврда на она дека ти како автор си во полна потенција. Дека се уште има можности за тој креативен чин да биде препознаен. Преку него да бидеш легитимиран оти присутноста на авторот е многу поважна отколку било која друга ситуација. Ние понекогаш постоиме, но нашата присутност зборува за нашето постоење. Кај нас, да речеме, постојат многу писатели, а присутни се оние коишто имаат дела. Уште подобро присутни се оние чии дела се наградувани“, вели писателот.

Дополнува дека ние немаме огромна читателска публика за да може да се каже „мене наградите воопшто не ми значат“, како многу европски писатели, „бидејќи си имам голема армија од читатели кои сами по себе ја потврдуваат мојата креативност, мојот потенцијал...и мојата присутност во уметноста“.

„Кај нас наградите ја потврдуваат нашата присутност. Тие не легитимираат како писатели. Дури тие ни даваат за право да се регрутираат адоранти од причина што ќе речат „чекај бе, овој е награден, сигурно има нешто во неговото дело“. Наградата сама по себе е патоказ кон добриот автор, кон доброто дело, всушност патоказ кон она што значи задоволство во читањето. Така да, не треба да ги игнорираме наградите и покрај тоа што знаеме да кажеме и сме биле сведоци на многу наместени награди.“

За неодамна промовираната и сега наградена книга на Кацаров -„Скаските на Мето од петто“, мини роман, кој говори за периодот на созревање, ќе биде забележано дека е „донесува нешто ново, модерно, урбано и привлечно во македонската литература за деца и млади“. Во дослух со ова нималку не чуди кога тој вели дека „добрите книги немаат временски лимит, дека тие се универзални“. Истакнува дека иако децата денеска се далеку од домашните животни, од селската идила...сепак добрата, мајсторски напишаната книга, мајсторски отсликаниот настан, може да им даде за право да се препознаат во една таква ситуација или таквата ситуација да ја примат како своја и да станат дел од неа.

„Не би рекол дека сега ние треба да фаќаме чекор со она што е модерно, а не современо. Еве да речеме Ролинг ја има деветтата книга за Хари Потер. Таа не опишува време во кое сега децата се наоѓаат. Таа не му дава на Хари Потер компјутер, не му дава мобилен телефон, ниту видео игри...Го става во еден век во којшто човечките доблести, човечките добра, чувството за блискост, за комуникација со другиот, јасното...сето тоа доаѓа во преден план и децата, всушност, поаѓаат од еден таков аспект. Во секоја книга за деца мора да се испочитуваат човековите вредности. Тој мора да ги забележува тие вредности и тие да се воспитуваат на една таква ситуација. Мора да создаваме хумори во кои децата ќе се огледаат.

Ние во денешно време имаме се помалку херои. Сепак, не треба да ни пречи и понатаму да се трудиме од секојдневието да извлечеме некој херој или децата да го препознаат херојот во сега обичниот човек. Во тој со кој се во секојдневна комуникација – во мајката, во таткото и т.н. “

Инаку, говорејќи за својата нова објава, за делото кое е следбеник на исто така наградената „Ојле брада во животинска балада“ („Струшко изгрејсонце“, 2014), на пиесата за деца „Сулиндари“, расказите „Цартаровата чичитра“, „Ети ја спасува Тера“..., Кацаров знае да каже дека „него цел живот го следело неговото петто одделение“. Дека тоа била една гранична ситуација помеѓу касното детство и раната младост. Тогаш, као што вели, „почнуваш да играш шах со таткото и се трудиш да го победиш“, тогаш „почнуваш да се трудиш да стрелаш во птиците подобро од својот дедо“, да се вљубуваш, да бараш бендови кои ќе сакаш да ти станат твои идоли, ќе почнеш да размислуваш за косата, бемките по лицето и најмногу за девојчето кое што седи во соседната клупа...Истакнува дека не можел да се ослободи од таквата мисла и затоа си рекол дека сето тоа треба да го преточи во книжевно дело.

Оди до таму што вели дека за него пишувањето е „дишење“, „секојдневна храна“ и дека секој еден вистински творец треба така да се чувствува.

„Штом влезеш во еден таков процес, штом една таква активност врзеш за себе, тоа е твој фату. Твоја сенка без која ти неможеш да постоиш. Ако само по себе тоа ја одредува мојата присутност, присутноста мора да е поврзана со постоењето. Тоа се взаемни нешта. Систем на споени садови. Значи, не постои момент кога можеш да кажеш дека си изморен и дека нема да пишуваш. Тогаш станува збор за квази-писател, за човек што ја користи литературата како средство, а не како цел. За мене литературата е цел и јас постојано не оставам ден да мине без да напишам „рецка“, што би рекол Олеша. “

Конечно, поетот, раскажувач, есеист, колумнист и драмки автор, патем овенчан и со Рациновото признание во 2009 година и Прозни мајстори, две години подоцна, за некој ден од печат го очекува и излегувањето на краткиот комичен роман за непреболот „О, зарем тоа сте Вие господине Памук!“, чиј издавач ќе биде „Матица Македонска“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG