Достапни линкови

Бојкот на настава поради промена на превозник


Родители и локални жители реагираат бидејќи директорот на училиштето „Страшо Пинџур“ во селото Мало Коњари ја прекинал соработката со фирмата која 20 години ги превезува учениците до школо.

Педесетина родители со поддршка на жителите од прилепските села: Големо Коњари, Мало Коњари, Славеј и Кадино Село не ги пуштија децата на настава во основното училиште „Страшо Пинџур“ во селото Мало Коњари. Тие реагираат зашто што директорот на училиштето, како што тврдат, преку ноќ ја прекинал соработката со фирмата Роки Транс, 20 годишен превозник на учениците и назначил нова фирмата „Амиго“ од Прилеп, со која велат, е во роднински и пријателски врски.

Ние како родители сме презадоволни од превозот на „Роки транс“, буквално кажано „Роки-транс“ ги носеше децата до дома.

„Започнуваме со бојкот на наставата и почнуваме со поднесување барања до другите училишта, за преместување на децата да учат во други училишта“, вели Марјан Пуцакоски, претседател на Советот на родители.

Своето незадоволство родителите го манифестираа на средба со директорот во училишниот двор.

„Ние како родители сме презадоволни од превозот на „Роки транс“, буквално кажано „Роки-транс“ ги носеше децата до дома.“

„Преку ноќ издава наредби господинот директор дека прекинува со превозот со претходниот превозник, а по кој основ утрото вози нов превозник.“

„Бојкотот на наставата ќе трае се додека не дојдеме до решение“, реагираат родителите, категорични во своите барања. Велат своите ставови и петицијата ќе ја испратат и до општинскиот сектор за образование.

И сопственикот на фирмата досегашен превозник Роберт Божиноски вели дека директорот на училиштето е во постојан дослух со неговиот конкурент, со цел да изнајдат причини како да го елиминираат од тендерот.

„Моментално моите возила се со „еко два“ дозвола, а до каде што е мојата граница, тие точно знаат, директорот заедно со конкурентите и колку пари имам во џебот, ако имам 100 денари, тие ми велат треба да доставиш 200 денари. Поточно ми поставија „Еко три“ услови и голем обрт на пари“, реагира Божиноски, и тврди дека оваа еко три дозвола во Македонија, ја има превозник, само во уште едно училиште.

Но, директорот Зоран Петрески ги отфрла сите обвинувања. Тврди дека само го почитува и применува законот, којшто засега е во интерес на фирмата конкурент, Амиго од Прилеп. Додава дека со стариот превозник се исцрпени дури и можностите за договор до 500 евра.

„Моравме да пронајдеме и друг превозник којшто има пресуди и решенија од Државната комисија, дека го добил тендерот и за минатата учебна година, и постапивме да го повикаме се до расчистувањето по пат на тендер, да вози, односно се додека ни дава законската можност“, изјави Петрески.

Родителите најавуваат, бојкот на наставата ќе трае се додека не се врати стариот превозник.

А, годишниот тендер за превозник за ученици и наставници е во висина до 1.300.000 денари, пари кои преку блок дотации од Министерството се исплаќаат на сметка на училиштето.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG